Македонското знаме ќе се виори на тв-екраните ширум Азија
Ристиќ во најавната шпица за азиската ЛШ
пишува: Оливер Арсовски
Уште едно големо  признание на  македонскиот репрезентивен напаѓач Стевица Ристиќ му додели Азиската фудбалска асоцијација (пандан на европската УЕФА), како резултат на неговите успеси и големата популарноста која ја ужива на најнаселениот континент. Македонецот Ристиќ се најде на најавната шпица за азиската Лига на шампиони, која вообичаено се пушта пред почнувањето и завршувањето на секој натпревар. Азијците го одбрале моментот кога Ристиќ го постигнува     
погодокот во ланското полуфинале против Ум Салал и прославата на корејските навивачи, кои на трибините го истакнале македонското знаме (она од Вергина, н.з.) на кое со кирилично писмо е испишано името и презимето на нашиот репрезентативец.
„Нема што да кријам, пресреќен сум од ова признание бидејќи повеќе од две милијарди азиски гледачи ќе ме гледаат постојано на тв-екраните. Уште повеќе ме радува што преку мене и македонското знаме ќе се виори пред на азискиот континент. Ова е уште еден доказ дека уживам голема популарност на жолтиот континент, а убеден сум дека во дресот на узбекистанскиот Бунјодкор уште повеќе ќе расне мојата популарност„, заклучи Ристиќ.
Имајќи предвид дека Ристиќ игра во голема форма и има голем напредок во кариерата, фудбалската јавност во земјава очекува дека селекторот Мирсад Јонуз ќе се сети на него и ќе му даде нова шанса за докажување во националниот дрес. Ристиќ нагласи дека не е во конфликт со никого и дека наскоро повторно очекува репрезентативен повик од селекторот.
Инаку, Ристиќ со својот тим се наоѓа на подготовки во Дубаи и веќе утре го очекува нов контролен меч со оманскиот првак Ал Нахда, на кој очекува да го постигне својот втор погодок во дресот на Бунјодкор.
















