Талентираниот голман и голема надеж на македонскиот фудбал, Дамјан Ангеловски, деновиве го направи првиот покрупен чекор во остварувањето на својот сон. Од вчера тој е член на фудбалскиот прволигаш Работнички од Скопје, клуб кој со години важи како одлична отскочна штица за младите фудбалски таленти.
-По двенеделна проба, од вчера можам да кажам дека станав играч на фудбалскиот клуб Работнички. Бидејќи сеуште не сум полнолетен, договорот ќе го потпишам налето кога ќе наполнам 18 години, а дотогаш ќе бранам за младинците на Работнички. Мислам дека направив одличен потег затоа што работнички е одличен избор за еден млад фудбалер - изјави Дамјан Ангеловски за порталот „Аберџија“.
Младиот кратовец минал низ младинската школа на Силекс, Работнички и Цементарница 55, а настапувал и на „Готиа куп“ во Шведска. Ако неговата кариера се развива во посакуваниот правец, му посакуваме за неколку години да застане на голот на сениорската репрезентација и да биде третиот кратовец покрај Кире Трајчев и Мартин Богатинов кој бранел за македонската репрезентација.