#
Серијата на непобедливост на кратовски Силекс продолжува и по три одиграни кола од фудбалското првенство. Ако триумфот над Хоризонт Турново некои го протолкуваа како мало изненадување, а гостинското реми со Металург како големо изненадување, тогаш триумфот над Ренова веќе никого не смее да изненади. Кратовци имаат игра, делуваат тактички зрело и физички беспрекорно, а во една таква ситуација противниците треба да се замислат дали однапред смеат да впишат бодови на своето конто.
Како и на претходните два меча, кратовци тргнаа доста резервирано, дозволувајќи му на противникот поголема контрола над топката и едно лажно чувство на супериорност на теренот. Но, кратовци ја имаат секавичната „контра“ како моќно оружје, па така двапати во првиот дел сериозно се заканија кон голот на гостите. Првин стоперот Рудан од идеална позиција, од десттина метри со глава упати прецизен удар под пречката, но Мустафи спречи погодок. Уште една прекрасна прилика пропушти Ѓорѓиев во 39-тата минута, кога неговиот топовски удар под пречката, Мустафи на маестрален начин го одбрани, исфрлајќи ја топката во корнер. Со мирољубив резултат, без голови, се замина на полувреме.
Вториот дел тргна фуриозно за кратовци, со ран погодок по само две минути игра. Топката подолг период кружеше околу шеснаесетникот на гостите, на двапати топката беше исфрлана во поле, но при третото уфрлање откосо од Велинов, на подалечниот дирек натрча Томе Јанев и со глава од само 4-5 метри ја погоди мрежата.
По водството, гостинските фудбалери тргнаа во офанзива, која за малку ќе дадеше резултат во 60-тата минута. Емини побегна по десната страна, од десеттина метри упати извонредно силен удар, кој заврши сантиметри над пречката. Иако налетите на тимот од Џепчиште продолжија, кратовци успешно се бранеа, не дозволувајќи ризични ситуации пред својот гол. Се чини клучен момент беше промашувањето на Рамадани на три минути пред крајот на регуларното време, или подобро кажано одличната интервенција на голманот Ников. Нововлезениот Рамадани побегна по левата страна, излезе очи в очи со Ников, се обиде да ја протне топката под телото на Ников, а овој со одличен рефлекс го одбрани ударот. Следуваше контранапад на кратовци по кој нововлезениот Симјановски од дваесеттина метри го здрма дирекот на гостите, а во судиското продолжение и Велинов од идеална позиција биеше крај дирекот.
Се на се, одлична партија на фудбалерите на Силекс по која кратовци ќе уживаат најмалку една недела на делба на втората позиција, со надеж дека таму ќе останат и по гостувањето на шампионот Работнички. Оливер Арсовски
Ставрев „таличен“ за кратовци
Кога најдобриот македонски судија Александар Ставрев му суди на Силекс, кратовци победуваат. Така беше пред две недели кога во Кратово падна фаворитот Хоризонт Турново, а не беше поразлично и на вчерашниот меч, кога оружјето го положи Ренова. На шега, од таборот на кратовци велат дека немаат ништо против и на следниот меч во Кратово повторно да биде делегиран „таличниот“ Ставрев, кога ќе гостува Тетекс.
Голови...
1-0 47’Долго траеше опсадата на голот на гостите, започна со опасниот корнер на Велинов, продолжи со мешаница пред голот, па ново нафрлување од страна на Велинов, по кое Јанев втрча на подалечниот дирек и со глава ги постави конечните 1-0.
Зоран Штерјовски
Вистински прволигашки натпревар во кој и двете екипи одиграа борбено. Главната битка се одвиваше на средината на теренот, без многу ситуации за погодок. И двете екипи чекаа шанса за прв погодок, ние први ја дочекавме и тоа се покажа пресудно. На крајот имавме и малку среќа кога Ренова беше блиску до израмнување. На овој меч можам да кажам дека победи посреќниот, а тоа бевме ние. На играчите им честитам за борбеноста и залагањето.
Ќатип Османи
Интересен натпревар во кој и двете екипи имаа свои шанси. Домашниот состав беше поснаодлив токму за тој гол што го одлучи победникот. Можевме да одиграме и подобро, да стигнеме барем до бод. Честитки за двата тима за ферплеј играта на овој меч.