Незадоволство и револт владее во редовите на фудбалскиот клуб Силекс по вчерашното реми на свој терен со квалитетниот состав на Миравци. Резултатот и не е толку разочарувачки, колку што загрижува играта на тимот и незалагањето на некои фудбалери на Силекс, особено оние од кои најмногу се очекуваше. За да не се повтори ваквата игра, тренерот на кратовци Трајче Сенев, најави нови мерки за консолидација на тимот.
-Вака понатаму нема да може. Може да толерирам слаба игра поради лош ден, но очигледно незалагање на некои поединци во тимот нема да дозволам. Играчите од кои најмногу очекував, оние кои требаше да ја направат разликата, вчера никаде ги немаше. Беа незабележливи, бледи, со очигледно незалагање. Отворено кажувам дека нивното место во стартните единаесет не е загарантирано. За таа цел Силекс деновиве ќе ангажира две квалитетни прволигашки засилувања, играч за врска и напаѓач. „Ѕвездите" во тимот мора да сфатат дека местото не им е загарантирано, туку ќе се борат со многу пот и истрчани километри за првотимски статус – истакна стратегот Сенев.