Последниот ден од преодниот рок, фудбалскиот прволигаш Силекс го искористи да направи добар пазар со ангажманот на двајца искусни српски интернационалци Бојан Стаменковиќ (31) и Мирослав Савановиќ (28).
Стаменковиќ е поранешен играч на Напредак Kрушевац, Динамо Врање, Банат, Раднички Ниш, а последен клуб му е Тимок од Заечар. Савановиќ доаѓа од босанскиот клуб Дрина Зворник, а настапувал и за Млади Радник, Борац Чачак и Kолубара. Двајцата се играчи за врска. Со нив бројката на засилувања во Силекс се искачи на осум.
Претходно кратовци ги ангажираа Игор Павловиќ, Натано Ватимена, Филип Пјевац и домашните кандидати Денис Миленов и Димче Стојановски. Во пролетниот дел на Силекс му претстои грчевита битка за опстанок.
Инаку, бројката на српски фудбалери во клубот нарасна на вкупно осум, плус тренерот Небојша Петровиќ. Нема да ни пречи и да достигне десет, само под услов да се избори опстанок во лигата.
Од вчера „силексовци“ се заминати на зимски подготовки во старат база Охрид.
- Се префрливме во Охрид каде ќе се задржиме три недели. Тука имаме полни раце работа бијдеќи во првата полусезона потфрливме на резултатски план. Ќе одработиме силни подготовки, по два тренинзи дневно надополнети со пријателски натпревари од следната недела - истакна тренерот на кратовчани Небошја Петровиќ.
Кратовчани неколку години наназад го одбираат Охрид за последна станица пред стартот на пролетниот дел од шампионатот.

- Условите во Охрид се прекрасни, има добри терени, а времето секогаш е на нашата страна. Имавме повеќе опции за подготовките но пак одлуката падна за Охрид. По слабата полусезона фудбалерите имаат мотив до небо да ја поправат сликата и да покажат дека ние не припаѓаме на тој дел од табелата - заврши Петровиќ.