Ништо од сензација на „Филип II“
&feature=player_embedded
Фудбалерите на Вардар успеаја да го задржат чекорот со Металург на врвот на табелата во Првата МФЛ, победувајќи Силекс со 2-1 на арената „Филип Втори". Вардарци создадоа водство од 2-0 по првите дваесетина минути игра од овој дуел. Резултатот го отвори Милан Илиевски во 15. Минута кога се обиде да упати центаршут од десната страна, но топката доби чудна насока и отседна во мрежата на голманот на Силекс, Даниел Божиновски. Само три минути подоцна, капитенот на „црвено-црните", Филип Ивановски постигна еврогол. Ја прими топката на гради, зафати волеј од 17 метри и ја погоди противничката мрежа.
Мора да се напомене дека Силекс имаше одлична можност прв да поведе, но Заревски ја погоди гредата од голот на Горан Симов.
Во второто полувреме, Силекс притисна и успеа да го намали водството на Вардар на 2-1. Стрелец на погодокот беше Александар Темелков од слободен удар. Тој упати удар откосо од од левата страна, од работ на шеснаесетникот, топката го зафати Златко Бошковски, го смени правецот и отседна во мрежата на Вардар.
До крајот на натпреварот, вардарци сепак успеаја да ја сочуваат предноста и да слават со 2-1.
Капитенот на Силекс, Никола Мишовски, го призна поразот од Вардар и спортски го пофали погодокот на Филип Ивановски.
- Вардар брзо поведе со 2-0. Првиот гол го постигнаа од една чудна акција, не беше тоа ниту полушанса, а потоа Филип Ивановски постигна еврогол. Беше тоа извонреден потег на капитенот на „црвено-црните". Ние во вториот дел намаливме на 2-1, но немавме сили за израмнување – изјави капитенот на Силекс, Никола Мишовски.
Вардарци успеаја да ја реализираат целта иако имаат неколку повредени фудбалери.
- Успеавме да освоиме три бода, иако ова беше навистина тежок натпревар. Имавме водство од 2-0 на полувремето и мислевме дека можеме да бидеме мирни, но Силекс постигна гол на почетокот од вториот дел и го промени ритамот на натпреварот. Во нашиот состав не настапија неколку играчи поради повреди и се надеваме дека брзо ќе се консолидираме и ќе продолжиме и понатаму во победнички ритам – истакна Златко Бошковски, левиот бек на Вардар.