автор - Оливер Арсовски
Дербито на истокот помина, а случките од дуелот меѓу старите ривали Силекс и Брегалница сигурно уште некое време ќе се прераскажуваат. Познато е дека кога играат овие два противника во Кратово, на публиката секогаш и е загарантирано многу возбудувања, тензии, инциденти, пенали, исклучувања и многу голови. Така беше и овојпат, бидејќи вчерашниот меч ги содржеше сите елементи на еден дерби меч. Тензично беше на теренот од првата до последната минута, кошкања меѓу играчите на секои пет минути, но, тензии и на трибините, каде барем половина од публиката беше од соседниот Штип. Но, да одиме со ред.
&;feature=g-upl
Силекс не можеше да посака подобар почеток на мечот, од причина што првата акција на домашниот тим во третата минута донесе водство. Васов помалку неконтролирано изби една топка од својата половина, секавично реагираше брзоногиот Заревски, кој ја претрча одбраната на гостите, го легна голманот и пласираше по земја за рано водство на кратовци. Возврати и Брегалница преку Вучетиќ во 9-тата минута, но Божиновски одбрани. Силекс ја имаше контролата врз играта се до 33-тата минута, кога Заревски си го повреди коленото и мораше да биде заменет. Од тој момент кратовци несфатливо се повлекоа пред својот гол, овозможувајќи и на Брегалница да заигра "викторија" пред голот на домаќините.
Прекрасна можност пред крајот на полувремето пропушти Митров кој од 10-тина метра го совлада Божиновски, но не и Васов кој од гол-линијата изби во поле. Уште една прилика за гол пропушти Митров на стартот од вториот дел, кога со глава го утна голот. Мечот можеше да биде одлучен во 50-тата минута, но Ѓорѓиев од стопроцентна шанса не успеа да го совлада Чановиќ. И казната стигна веднаш. Во тек беше 60-тата минута, кога по еден корнер се создаде мешаница во петерецот на Силекс, по која Наумов присебно реагираше и ја турна топката во мрежата.
Од мигот на израмнувањето се разгоре битката на теренот, се гинеше за секоја топка, а зачестија острите стартови и картоните на Марковски. С.Насевски и Васов имаа одлични можности да се запишат во листата на стрелци, а на спротивната страна бележиме зрели шанси за Митров, Наумов и Андонов. И тогаш се случи експлозија на трибините, нововлезениот Лампевски се поигра со одбраната на штипјани и кога се обиде да шутира, беше соборен од Стојанов за најстрога казна. Сигурен реализатор беше екс-играчот на Брегалница, Стојанче Велинов.
По негативата од еден гол, гостите како да ги подизгубија нервите, а "настрада" Лазар Илиев, кој заради груб старт од зад грб заработи втора опомена и исклучување. Мала надеж им даде судијата Марковски, кој го продолжи мечот пет минути, па дури и голманот Чановиќ се пресели во домашниот шеснаесетник, но до промена на резултатот не дојде.