&">&;feature=g-upl
Иако сите очекуваа тренерската смена во Силекс веднаш да донесе резултати, сепак, такво нешто не се случи. Половичен е ефектот на новиот стратег Небојша Петровиќ, откако кратовци во финишот на мечот се спасуваа од пораз. Она што можеше да се забележи на теренот во Кратово е еден нов Силекс, далеку подинамичен и повоинствен во играта, со далеку поголема желба за триумф. Можеше ова да биде триумфално враќање на Петровиќ во Кратово доколку мечот тргнеше во посакуваниот правец, но Велинов во третата минута не знаеше да ја искористи асистенцијата од Заревски и од само 8-9 метри се посрамоти. И втората можност за водство ја пропуштија Васов, а во продолжението на акцијата и Заревски. И стигна казната преку брзоногиот Блажевски на спротивната страна. Одбраната на кратовци направи неуспешна офсајд-замка, по која Блажевски влезе во шеснаесетникот, упати удар кој заврши во телото на Васов и топката полека се стркала во мрежата на кратовци. По водството во 33-тата минута, гостите можеа да стават точка на мечот во 44-та минута, кога Петковски во ситуација "еден на еден" не успеа да го совлада Божиновски. Одлична можност за израмнување пропушти Радовановиќ во последните мигови од првиот дел, погодувајќи ја пречката од слободен удар.
Вториот дел го одбележаа брзите контранапади на турновци, кои останаа нереализирани, најмногу по заслуга на несовладливиот голман Божиновски. Првин Петковски не успеа да го совлада домашниот голман, а во 49-тата минута Балдовалиев од стопроцентна прилика не успеа да реализира. По ова следуваше целосна офанзива на кратовци, шансите се редеа пред голот на Димовски, но мрежата долго време остана маѓепсана. Заревски двапати не успеваше да го совлада Димовски, но тоа му успеа на Ѓорѓиев на 4 минути пред крајот. Лампевски прекрасно асистираше, а Ѓорѓиев од десеттина метри со глава ги постави конечните 1-1. О.Арсовски
Кратовци гневни на Костенчев
Домашните фудбалери, но и публиката жестоко реагираа на неколку судиски одлуки, посебно на грешката што ја направи Костенчев при постигнувањето на водечкиот погодок на гостите. На брзиот контанапад на турновци претходеше очигледен прекршок од Вареловски над Радовановиќ, кој Костенчев не (сакаше да) го види, а во продолжението на акцијата гостите поведоа. Интересно е што Костенчев мечот го продолжи само две минути, иако во вториот дел имаше 4-5 лекарски интервенции на теренот, плус петте измени.