gogo

A+ R A-


ВИДЕО Силекс - Напредок 0-2

Падна една долга и непријатна традиција за кичевци, урнато е проклетството кога тимот на Напредок гостува во Кратово. По петнаесет мечеви без триумф во Кратово, кичевци сосема заслужено, со пожртвувана игра во сите деведесет минути стигнаа до првиот триумф во Кратово, но и до втората гостинска победа оваа сезона. Тоа за нив ќе значи зацврстување на четвртата позиција и борба за излез во евро-куповите, а поразот на кратовци ќе им донесе неизвесна иднина, затоа што конкурентите за опстанок собираат бодови и веќе се одлепија на табелата.
Почетокот на мечот навести дека гостите се дојдени по бодови. Балажи имаше убава можност да донесе водство на својот тим уште на истекот на првата минута, но Божиновски спречи гостинска радост. Сепак, голманот на домашните не можеше ништо да стори во шестата минута, кога катастрофалната грешка на Мијатовиќ ја казни Симоновски со прецизен удар под пречката. Домаќините долго негодуваа, сметајќи дека помошниот судија Милошевски не досудил офсајд, но Мечкаровски го призна голот. Помошникот Милошевски се обиде да компензира во 18-тата минута, кога гостите постигнаа регуларен погодок, но линискиот судија сигнализираше непостоечки офсајд.
По примениот погодок, кратовци не успеаја да се консолидираат и единствената прилика која ја создадоа за 45 минути беше непрецизниот удар на Кариќ од само 6-7 метри.
Како што започна првото полувреме, така се одвиваа работите и во вториот дел. По само 5 минути игра гостите си осигураа комотна предност од два гола. Вината за голот оди делумно кај голманот Божиновски, кој не успеа да ја скроти топката по незгодниот удар, но уште поголема вина има одбраната на домашните која немо гледаше како Цветановски притрча и со глава ја спроведе одбиената топка во мрежата на Силекс.
По вториот погодок домашните фудбалери дефинитивно се разбидија, создадоа 5-6 зрели прилики до крајот, но мрежата на гостите остана магепсана. Првин во 52-та минута, Балажи расчисти од самата гол-линија, а две минути подоцна Ѓорѓиев од само 7-8 метри биеше директно во Пашовски. Некоја минута подоцна вистинска бомба откосо упати повторно Ѓорѓиев, но Пашовски изби во корнер. Прекрасна можност да забие со глава од само 10 метри пропушти и Велинов во 71-та минута, но ударот профуче крај дирекот. Најзрелата можност ја пропушти Ѓорѓиев на шест минути пред крајот кога излезе сам пред Пашовски, но наместо да бира во кој агол ќе шутира, се обиде да асистира и згреши.
Можност за гол пропушти и новозлезениот Ѓорѓевиќ, но неговиот удар со глава под пречката на бравурозен начин го одбрани Пашовски. Иако повлечени на својата половина, сепак гостите во последните минути се заканија преку Клечкаровски, но ударот заврши над пречката. Во судиското надополнување убави можности од слободен удар не реализираа Радовановиќ и Кочоски, ставајќи точка на мечот што ќе посакаат веднаш да го заборават.   О.Арсовски


Минута по минута...
1' Слободен удар за гостите, Балажи упати прецизен удар под пречката, но Божиновски одбрани
0-1 6' Голема грешка на Мијатовиќ по која Симоновски од десеттина метри со помош на пречката донесе рано водство за гостите
15' Корнер за домаќините по кој Кариќ од идеална позиција упати удар со глава крај дирекот
0-2 50' Слободен удар за гостите од над 25 метри, топката лошо отскокна, доволно Божиновски кусо да ја одбие. На неа натрча Цветаноски и од само 5-6 метри со глава ја затресе мрежата
52' Мешаница пред голот на Пашоски, топката се одби од "букетот" играчи, но на самата гол-линија погодок спречи Балажи
54' Ѓорѓиев се обиде со глава од 7-8 метри, но биеше млако и Пашовски одбрани
68' Повторно Ѓорѓиев се најде во речиси идеална ситуација, но неговиот силен и прецизен удар Пашовски мајсторски го одбрани
71' Прекрасен центаршут на Кочоски, по кој Велинов од непосредна близина со глава биеше крај голот
84' Ѓорќиев излезе очи в очи со Пашовски, но наместо да пласира, се одлучи да додава и одбраната на гостите расчисти
86' Прекрасен удар со глава на Ѓорѓевиќ во горниот лев агол, но чудесната интервенција на Пашовски не дозволи промена на резултатот
87' Клечкаровски се обиде со силен удар од 16 метри, но топката профуче над голот
89' Радовановиќ изведе слободен удар од 20 метри, но топката заврши десеттина сантиметри над голот


Изјави
Небојша Петровиќ
"Ова беше многу тежок меч за мојот тим бидејќи протв себе имавме еден многу расположен противник. Одговорноста за поразот ја преземам јас како тренер, не барам друг виновник за киксот. Но, морам да нагласам дека имавме аматерско судење од еден од најдобрите судии во Македонија. Со своите одлуки направија моите играчи психолошки да паднат, по што беше тешко да се вратиме во мечот", резимираше стратегот на Силекс

Драган Бочески
"Победивме во Кратово бидејќи одигравме многу зрело. Создадовме доста прилики, две од нив реализиравме и заслужено славевме на теренот во Кратово. Во секој случај, ова се многу значајни бодови за мојот тим", изјави стратегот на Напредок

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.