На почетокот на вториот дел Александар Вељановски влезе во игра на местото на Стефан Магловски и зелените се обидоа со поофанзивен среден ред да направат пресврт. Рутевски од дистанца се обиде во 49 минута, но Божиновски остана „буден“. Во 52 минута пелистерци бараа најстрога казна заради игра со рака на Кариќ, но Костенчев не ја прекина играта. Само минута подоцна Велинов пак им побегна на домашната одбрана и биеше од тешка позиција, но Коруновски добро се постави и успеа да одбрани. По петтиот домашен корнер изведен од Александар Вељановски, младинскиот репрезентативец Китановски високо скокна и од 5-6 метри со глава биеше, но Кариќ исфрли во корнер спасувајќи сигурен гол. Во 17 минута од вториот дел Гордан Здравков го внесе ветеранот Драган Димитровски на местото на Христов. Домашната екипа видно ја превзеде иницијативата, но сето тоа беше јалово и без зрели шанси за израмнување. Но во 71 минута Рутевски изведе слободен удар од 35 метри од десната страна и остро центрираше. Топката ги прелета сите, никој не ја зафати топката и таа заврши во мрежата на Божиновски. На осум минути до крајот на мечот домашната клупа го повлече одлучувачкиот потег. Хрватот Кекец влезе во игра на местото на најпозитивниот Рутевски, веднаш центрираше од левата страна и вториот резервист Драган Димитровски со глава ја погоди целта. По кој знае кој пат ветеранот го спасува Пелистер, кога скоро сите го отпишаа. Во 89 минута Елмазовски прекрасно го пронајде Китановски, кој изби сам пред Божиновски, но биеше многу непрецизно крај голот. Истиот фудбалер, брзоногиот Китановски ја погоди пречката во третата минута од судиското продолжение. Така Пелистер повеќе со срце, одколку со глава, потпирајќи се на своите ветерани забележа витална победа во борбата за опстанок. Прва радост за екипата предводена од Гордан Здравков и петти меч без пораз за битолскиот прволигаш.
Пелистер - Силекс 2:1 (0:1)
Стрелци: Рутевски во 71 и Димитровски во 82 за Пелистер, а Ѓорѓиев во 10 минута за Силекс
Пелистер:Коруновски, Китановски, Драгарски, Лескароски, Лазаревски, Мегленски, С. Магловски (од 46м. А. Вељановски), Елмазовски, Рутевски (од 81м. Кекец), Христов (од 62м. Димитровски), Марковски
Силекс:Божиновски, Стаменковиќ, Павловиќ, Петров, Кариќ, Савановиќ, Тимовски, Мијатовиќ, Марков, Велинов, Ѓорѓиев (од 76м. Миленов)
Гордан Здравков
Некогаш да се стигне до победата треба и малку среќа и многу борбеност и среќа. Токму тоа беше на наша страна денес, посебно во второто полувреме кога го направивме пресвртот. Тоа беше многу тврд и изеднашен меч во кој мислам дека ја заслуживме победата и сакам да им честитам на моите фудбалери.
Небојша Петровиќ
Ние ја имавме нашата шанса, го контролиравме натпреварот, но домаќинот смогна сили и направи пресврт. Мислам дека треба да жалиме за пропуштената шанса, бидејќи денес од Битола можевме да останеме непоразени. Честитки за домашните фудбалери кои играа многу борбено и славеа во овој квалитетен натпревар.
Резултати 21 коло (недела):
Напредок – Хоризонт Турново 0:0
Брегалница – Ренова 0:0
Металург – Вардар 3:2
Шкендија – Дрита 2:1
Пелистер – Силекс 2:1
сабота:
Работнички - Тетекс 1:0
Табела:
1. Вардар 42 бода
2. Хоризонт Турново 39
3. Металург 35
4. Напредок 35
5. Работнички 30
6. Шкендија 29
7. Брегалница 28
8. Ренова 28
9. Пелистер 24
10. Дрита 24
11. Силекс 18
12. Тетекс 13