Кога на тимот подолго време не му оди, не се менува цел тим, туку тренер. Ова непишано фудбалско правило го видовме денеска во практика, откако Силекс ремизираше на свој терен со Македонија ЃП, а по мечот тренерот Жикица Тасевски си поднесе неотповиклива оставка. На Силекс не му тргна најдобро оваа сезона, по осум кола се наоѓа на претпоследната позиција, па нужна беше промена на кормилото.
„Давам неотповиклива оставка на местото шеф на стручен штаб во фудбалскиот клуб Силекс. Сакам да се заблагодарам на семејството Иванов и целото клупско раководство. Силекс е клуб кој секогаш има високи амбиции, а после одиграните осум кола резултатите не содејствуваат со клупските и моите лични амбиции како тренер, за што јас чувствувам лична одговорност. На Силекс му посакувам среќа и спортски резултати во иднина. Благодарам Кратово, благодарам ФК Силекс“, изјави Жикица Тасевски.
Иако се уште не е официјално, со него во пакет заминува и помошникот Јован Јовановски.