Силекс со шест летни засилувања
пишува - Оливер Арсовски
Со шест нови играчи и речиси комплетно зачуван тим од ланската сезона, фудбалскиот прволигаш Силекс од Кратово ќе го започне новиот, дваесетти по ред, фудбалски шампионат. Вообичаено за кратовци е купување играчи од српскиот пазар, а летово од таму пристигнаа дефанзивецот Борислав Баиќ (Темерин) и играчот за врска Милан Јовановиќ (Графичар). Значително се засили конкуренцијата во нападот со ангажирањето на Аце Стојановски (Охрид Лоте) и Ѓорѓи Марков (Беласица). Бројката од шест засилувања се затвора со бекот Јован Шаврески (Влазними) и голманот Христијан Срќески (11 Октомври). Клубот досега го напуштија стоперот Александар Алексовски кој се пресели во Охрид 2004, додека Милан Николиќ се врати во Србија.
-Задоволен сум од она што го доведовме во летниот преоден рок и мислам дека нешто посилни влегуваме во новото првенство. Сеуште е рано да говорам за квалитетите на новите засилувања, впрочем тие веќе во првите неколку кола треба да покажат дали заслужуваат да бидат дел од Силекс. Што се однесува до контролните средби, забележавме добар резултатски скор, но тоа не мора да биде репер за вистинските можности на мојот тим, бидејќи игравме најчесто со просечни домашни тимови - изјави тренерот на кратовци Ане Андовски.
Летово Силекс одигра осум контролни средби, на кои забележа пет победи, две ремија и еден пораз.