gogo

A+ R A-


15 туроператори ќе ја продаваат приказната за Кратово

Кратово има историја, архитектонско богатство, има приказна, останува само таа да биде продадена на потенцијалните туристи. Градот на кулите и мостовите се најде на туристичката мапа, Кратово особено за викендите е преплавено со гости, но се прават напори за поголем прилив на странски туристи во текот на целата година. Во таа насока Кратово викендов беше домаќин на претставници на 15 туристички агенции, кои беа гости на хотелот „Кратис“ и се запознаа со туристичките потенцијали на градот и околината.

alt

-Кратово е уникатно место и спаѓа во категоријата на град – музеј или архитектурен музеј и треба да се негува така како што во овој момент е однегувана Саат-кулата. Навистина, ова е сериозна одговорност, сериозно наследство кое треба да се прегрне и овој град ќе „врие“ од локални посетители и надворешни гости. Јас лично сум носел Тајванци, Јапонци и Израелци и тие беа одушевени – истакна Ангел Иванов од ТА „Адриатик Маврово“.

Гостите имаа можност да дегустираат традиционални кратовски специјалитети и да уживаат во прекрасниот поглед на кратовските кули и борови. Го посетија и Лесновскиот манастир и природниот резерват „Камени кукли“. Особено беа импресионирани од Саат-кулата и црквата „Св.Јован опсечен“ во која е насликана сребрената рака на Исус.

-Кратово многу нуди, значи може да се продава како приказна градот заедно со кулите, подземните тунели, старите куќи и плус Лесновскиот манастир. Ако се врзе турата да биде поголема од три дена, може да се додаде и Кокино, Крива Паланка со манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ и тоа би било извонредно интересна тура за странците – вели Александар Коневски од ТА „Торија“, која е застапник на „National Geographic“ за Балканот.

Приказната за Кратово како жив музеј под отворено небо излезе од границите на нашата држава. Се повеќе туристи од Израел, Јапонија, Германија, Шведска газат по старата кратовска калдрма. Ако во минатото рударството го крепеше градот, се надеваме дека во блиска иднина кратовчани удобно ќе живеат од туризам.

Оливер Арсовски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.