gogo

A+ R A-


Адреналинска тура на Цоцев Камен и Големо Градиште

altЦоцев Камен, точка на планетата Земја кое буди силни емоции секогаш кога ќе помислам на него. Се сеќавам, беше мај 2007 година кога последен пат бев со поголема група ученици на ова свето место, познато во научната јавност како праисториска опсерваторија. Требаше да поминат точно осум години за да се навратам повторно во ова мегалитско праисториско живеалиште, овој пат со една мала група матуранти од кратовската гимназија кои поради својот прекрасен однос и човечки квалитети заслужија едно прекрасно заедничко попладне.
15.00 ч. Тргнавме од автобуската станица, за жал со 3-4 откажувања од ученици поради објективни причини. Сеедно, и вака и така не чека 40-минутно возење до Коњух. Патем, одблизу ги видовме резиденцијата на Ѕинго во Филиповци, елитната населба „Стојкарци“ во Вакав, ранчот на Симе Арсеновски, фабриката „Добра Вода“...
alt15.40 ч. Стигнавме некаде на меѓата меѓу Шопско Рударе и Коњух, а благодарение на вештиот возач Ален, по црн пат се доближивме на само 500 метри од грандиозниот Цоцев камен. Само што се симнавме од минибусот, од блиската чума се стрчаа три кучиња, кои на прв поглед не изгледаа пријателски расположени. Во миговите кога децата малку се вознемирија, се сетив на зборовите на мојот професор Ферид Мухиќ, кој велеше дека и најлошиот ѕвер може да се претвори во најкротко животинче доколку клекнеш, му подадеш рака  го погледнеш со пријатесли поглед. Го пробав тоа и успеав, за неколку секунди трите „ѕвериња“ се играа со нас, не лижеа по рацете и ни беа водичи се до Цоцев Камен.
alt16.00 ч. Малку задишани од патот, конечно стигнавме до храмот на праисториските луѓе кои живееле на овие простори, а адреналинот почна да расте. Патот до врвот на каменот, кој патем не е лесно да го искачиш доколку имаш „страв во коски“, беше многу возбудлив, посебно за девојчињата. Едно сакаше да се откаже од искачување, но плашејќи се да остане само со трите кучиња, сепак тргна кон врвот.alt Во миговите кога се тресеа нозете во малите стрмни вдлабнатини кои личеа на басамаци, се слушна една сочна пцовка од устата на едно девојче. Фројдовски „лапсус“, се насмеавме сите, потсетувајќи се на лекцијата за Фројд учена пред еден месец. По десеттина минути искачување, на врвот сме на Цоцев Камен, а чувството е како да го имаме под нозе Монт Еверест. Моментот треба да се овековечи, севаат блицеви, летаат селфија, се ужива во убавината да се биде на чекор до облаците. Во карпата откривме орловски гнезда, природни пчелини кошници, мали резервоари за вода, пештери од огромни размери. Времето не гази, треба да се стасат пред зајдисонце и на Големо Градиште, а доколку дозволи времето, треба да го посетиме Златниот град.
alt17.15 ч. Во придружба на трите кучиња, се вративме до минибусот, се испративме со верните придружници и заминавме во ранохристијанскиот град од 3-ти век. По десет минути возење сме таму, пешачевме малку покрај надојдената Крива Река и конечно стсавме до Големо Градиште. Се восхитувавме на артефактите создадени од човечка рака пред повеќе од 16 века, ја видовме одблизу епископската резиденција, влеговме во христијанската крстилница и уживавме во археолошкиот комплекс кој стана познат на светската јавност благодарение на истражувањата на американскиот археолог Каролин Снајвли, која еден ден пред нашата посета била на локалитетот.
18.00 ч. Златниот град чека на нас, но дотаму се стигнува по угорница од 70 степени. Блика пот од челата, се слушаат „кукања“ од девојчињата, а машките altдодека да трепнеш се веќе на врвот. А таму, прекрасен видик, на тацна се гледаат Кумановско, автопатот кај Бељаковце, селата Коњух и Димонце. А Златниот град е приказна за себе, еден куп фортификациски објекти на него од прастаро време, големи базени за вода вдлабнати десеттина метри во карпи. Мали престоли - тронови на секој чекор, мини пештери за сместување на неколку луѓе во нив. На спуштање надолу наидовме на прекрасната пештера со мало прозорче, во која може слободно да се сместат и педесеттина луѓе. Тука не снајде ново изненадување, едно од трите кучиња, она црното со богато крзно и со исечен опаш, следејќи ја трагата на минибусот, минало 5-6 километри и не пронашло во урнатините на Златниот град. Во неговите очи се гледаше радост која набргу беше заменета со тага, во миговите кога стотина метри трчаше по нашето возило.
alt19.00 ч. Уморни од напорната рута, со полно срце радост, во миговите кога го сумиравме денот, заѕвони мобилниот телефон на шоферот Ален. Од разговорот разбравме дека му се јавија кратовската полиција, со обвинение дека говедар од Шопско Рударе пријавил кражба на неговото куче од страна на туристи. И покрај убедувањата дека кучето не е во минибусот и дека никој не украл куче, полицискиот службеник најави претрага на возилото кога ќе наближиме до Кратово.alt До такво нешто не дојде, веројатно кучето се вратило кај стопанот, а тој ја известил полицијата. Се сложивме сите дека ова беше одлична трилер-завршница на денот кој и онака донесе премногу возбуда. 

пишува - Оливер Арсовски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.