gogo

A+ R A-


Кратово - македонскиот Дубровник


altЕкспанзија на домашни и странски туристи во македонскиот град на мостовите - Кратово. Градот располага со огромен туристички потенцијал и токму затоа гостите од Холандија, Полска, Унгарија, Германија, Велика Британија, Чешка, Словачка, Хрватска, Србија, Хрватска, САД... летово се воодушевуваа на овој средновековен град. Но не само Кратово, во фокусот на интересот на странците е и неговата околина која е полна со културни и историски вредности и претставува музеј на отворено. Како што велат кратовци и домашните гости летово не ги заборавиле, особено учениците и пензионерите.

Како што појаснува кратовецот Стевче Донев кој е дел од Здружението на граѓани од Центарот за карпеста уметност во Кратово, летово најпосетувани биле старите куќи, особено: Манасовата, Санчевата, Павленчевата, Граматиковата, Гичевата... но и кулите Симичева, Саат Кула, Крстева и Среска.

altВеселата свадба во Куклица
Донев, кој е еден од најпознатите македонски промотори на туризмот, за родното Кратово вели дека нема странски гостин кој не е воодушевен од градот и старите споменици. Тој посочи дека подземните тунели по кој е познат градот летово биле регистрирани од еден турски професор по архитектура. Донев кој се сретнал со него ни пренесе дека професорот се интересирал буквално за се што ќе видел во Кратово и воодушевено изјавил дека шетал многу низ светот, видел многу познати стари градови, но за Кратово смета дека е еден од најинтересните каде што досега престојувал.
- За посетата на градот ќе напишам статии и ќе го споредувам со Дубровник и Котор, но со подземните тунели Кратово е поинтересен и од нив - кажал турскиот архитект кој посочил дека многу слушал за кратовските знаменитости, но сепак она што го видел било повеќе од очекуваното. За време на неговиот престој ги посетил и археолошкиот локалитет Цоцев Камен, Големо градиште, Златното грло во село Шлегово, како и импресивниот археолошки локалитет Куклица, популарно наречен кај мештаните - Веселата свадба со 148 грандиозни камени кукли.

altДонев информира дека гостите можат и да преноќат во Кратово, во старите етно-куќи каде ноќевање по лице чини 300 денари. Тој вели дека најголем интерес туристите покажуваат за македонската храна, пијалоци, медот и разните кратовски гурмански специјалитети. Годинава, според проценките, се очекува околу 6.000 туристи да го посетат Кратово.

Донев потсетува дека Кратово - градот на мостовите, кулите, подземните тунели, старите борови низ вековите имал повеќе имиња. Тој се нарекувал Транопира, Коритос, Кратер, Кратис Кора. Најголемиот подем го доживеал во 17 век кога важел за еден од најголемите рударски региони на Балканот со околу 50.000 жители.
- Денеска во Кратово живеат околу 7.000 жители. За да се задржи одливот на младите генерации треба повеќе внимание да се посвети за развој на туризмот, особено алтернативниот туризам, селски, верски туризам, како и археолошки туризам - вели Донев.
Според него, на располагање се голем број стари кули и по 120 години, кои имаат интересна и автентична архитектура и со малку идеја и инвестиција може да се адаптираат како мини хотелчиња, каде ќе се служи македонската храна подготвена според бабините рецепти.

Радин мост, Сарај кула, подземни тунели...
altРетко кој град на Балканот како Кратово може да се пофали со средновековни кули и подземни тунели. Од нив 12 се лоцирани на левата страна од градот, а пет се на десната. Некои од кулите поради забот на времето потребно е да се реставрираат, бидејќи имаат оштетувања уште од Карпошовото востание. Најстара е Златкова кула, а Сарај кулата е позната по долгите распространети подземни ходници кои се протегаат до Радин мост. Како што велат преданијата во кулата се ковале монети, а за да не бидат крадени ги криеле по ходниците. Но, ходниците биле градени и за да се заштитат кратовчани од Османлиите.

Сепак Кратово е град на најмногу мостови и реки на Балканот. Од 17 мостови најпознат е Радин мост кој е висок 23 метри и е поставен над Манцева Река. За мостот постои интересна легенда, за невестата Рада која била заѕидана во мостот. Според историските документи мостот е изграден во 1833 година од скопскиот Хавзи-паша.

За туристите интересен е и Грошчискиот мост, Чаршискиот, Јоркширскиот и Горномалски мост... Низ градот течат Манчева Река, Баба Карина Река, Кратовска Река... 

Исцелителна моќ на сребрената рака на Св. Јован опсечен
altСимбол на градот се боровите високи 25 метри што датираат од 14 век, а најстарата фотографија на која тие се регистрирани е од 1927 година.
Ајдучка чаршија е наречена Старата кратовска чаршија која е интересна со тесните сокачиња, каде има занаетчиски и трговски дуќани. Многу од кратовските занаети веќе се изумрени.
Странските туристи ја ценат и црковната уметност, особено фреската на Исус Христос со дребрена рака која што е лоцирана во црквата Свети Јован опсечен, која што датира од 15 век. Црквата во 1689 година за време на Карпошовото востание била опожарена, а повторно е обновена од страна на прочуениот мајстор Андреј Дамјанов.

Верниците веруваат дека сребрената рака која е изработена од среброто на кратовските рудници има исцелителна моќ. Токму затоа за време на верските празници во Црквата пристигнуваат голем број на верници со желба да ги следи среќа, здравје и радост преку целата година. Црквата секоја година е посетена од гости од Словачка, Хрватска, Германија, но и од голем број на странски амбасадори. Од 14 до 19 век во градот имало преку 20 цркви, а доказ затоа се големиот број на црковни остатоци што датираат од тој период.

altЕден град, но со повеќе имиња
Како што вели легендата, Кратово името го добил според местоположбата, бидејќи градот лежи на вулканска подлога, односно вулкански кратер. Според друго предание, градот го добил името по зборовите кират-оваа, по името на тврдината на бреговите на Кратовска Река, која е урната за време на османлиското владеење. За време на владеењето на Османлиската империја градот го посетил и турскиот султан Мурат.

Во византиско време, Кратово е познато како Коритосс или Коритонн, што ја објаснува и неговата местоположба, корито во које се наоѓа градот.

Подрачјето околу Кратово било населено и во периодот на римското време. Како рударски град бил познат под името Кратишкараа и бил дел од римската провинција Дарданија. Во времето на владеењето на Стефан Немања, во 1189 година, Кратово било присвоено кон Србија, а со градот управувал деспотот Јован Оливер.

За постоењето на Кратово раскажува и Хомеровиот еп - Илијада од 6 век пред новата ера. Доказ за тоа се и монетите од времето на Адолион Пајонски, крал кој владеел од 315 до 285 година пред новата ера. Во тоа време во градот била развиена трговијата со благородните метали: злато, сребро и бакар.

altТрадиционалната архитектура белег на Кратово
Секој кој што ќе го посети Кратово ќе забележи дека во градот доминира типична староградска македонска архитектура. Куќите претежно се граделе од камен и дрвна конструкција, пересте и плитар, со што на градбите им овозможувало еластичност и цврстина. Овој начин на градба што бил познат кај тогашните градители овозможувал објектот да добие заштитата и од топло и ладно. Стреите и таваните биле украсувани со декоративни штички. Но, кратовската куќа е позната и по велелепните чардаци, а од чардакот зависел и обликот на куќата. Посебно внимание се посветувало на квалитетот на вратите што биле еднокрилни, или пак, двокрилни. Кратовчани биле добростоечки. особено внимавале на хигиената и затоа во старите кратовски куќи се граделе и бањи каде стопаните се капеле. Како посебна просторија во куќата било огништето кое служело за загревање на просториите и за готвење храна.

altКратово во 14 век имал книжевно училиште
Во Кратово се негувала и писменоста, бидејќи градот во средниот век бил познат по своето Кратовско книжевно училиште, које заедно со книжевното училиште на манастирот Св. Гаврил Лесновски биле особено активно во периодот од 12 век до 14 век. Во училиштата се препишувале стари книги и се пишувале нови текстови со црковна содржина, со што Кратово во раниот среден век станал познат културен центар во регионот.

www.vecer.com.mk

Валентина МАРЈАНОВИЌ
фото: Ѕ.Плавевски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.