Кратовци денес ги правеа последните подготовки пред утрешниот голем христијански празник посветен на новомаченикот Св.Ѓорѓи Кратовски. Светецот Ѓорѓи, кој пострадал бранејќи ја христијанската вера, долги години е заштитник на градот Кратово. Нов лик доби црквата посветена на свети Ѓорѓи, каде веќе неколку месеци познатиот уметник Стојанче Андонов – Дито го слика фрескоживописот .
-Почнат е фрескоживописот на црквата и се молат сите заинтересирани богобојазливи луѓе, колку може да помогнат за овој храм да заблеска во потполн сјај следната јубилејна година – истакна отецот Блаже Крстевски.
Еден од најголемите афирматори на ликот и делото на Свети Ѓорѓи е стариот кратовец Благоја Николовски, кој долги години живее во Белград. Тој пред неколку години издаде монографија за светецот, а годинава издаде и српско издание.
-Во целото мое истражување имам посетено 53 цркви и манастири. За овој јубилеј мојот придонес е српското издание на монографијата за светецот Ѓорѓи,книга која е дополнета со нови фотографии и текстови. Тука е и македонското издание, брошурата од 50 страни – рече Благоја Николовски.
На утрешната литургија ќе богослужи владиката кумановско-осоговски Јосиф, а ќе има и богата културно-уметничка програма на плоштадот „Павел Шатев“. Централната прослава ќе биде догодина, кога кратовци ќе одбележат 500 години од маченичката смрт на патронот на градот. Оливер Арсовски