Торино вкуси к’цана сол од Кратово
Традицијата за приготвување к’цана сол од ароматични билки, пченка и морска сол се чува во се' помал број кратовски семејства, а се' почесто производот се презентира на саемски манифестации во странство. Некогаш к’цана сол правеле многу кратовци, а сега во градот и во селата ја приготвуваат одвај десетина семејства. Деновиве Кратово со к’цана сол се претстави и на саемот по угостителство во Торино на кој беа презентирани традиционални јадења и додатоци од целиот свет.
- К’цаната сол се прави од билки што се берат на Осоговските Планини. Во приготвувањето се користи нане, босилек, мајчина душичка, а главна, која на крајниот производ му дава посебен вкус, е билката што во овој крај е позната под името повечеринка. Овие билки по ливадите се среќаваат во јуни. Откако ќе се соберат, се сушат, а потоа со суви зрна од пченка, во посебни железни садови наречени дибеци, се к’цат со толчник или како што ние го нарекуваме - к’чник. Во сомелената смеса се додава одредено количество морска сол. По едночасовно удирање со толчникот по билките во железниот сад се добива по околу 5 килограми приготвена смеса, односно к’цана сол - објаснува Стефче Доневски.
На пазарот во Кратово 100 грама к’цана сол се продава за 100 денари.
Кратовци со претпазливост говорат за приготвувањето на овој традиционален додаток во кулинарството. Местата за собирање на билките, начинот на приготвувањето и нивно додавање во потребното количество во приборот за к’цање е љубоморно чувана тајна.
К’цана сол најчесто се консумира со посебно приготвеното лепче, познато како пета, со кое се мака приготвената ароматична сол. Погачката, односно лепчето се приготвува со тежина од 200 грама. Едно лепче се продава за 10 денари. Во последните десетина години е намален интересот за приготвување и на оваа погачка или лепче. К’цаната сол и лепчето пета од кратовскиот крај свое место си најдоа и во книгата „Западен Балкан“ на авторот Крис Денисо. Во последно време редовно се претставувани и на саемски штандови на кои се изложуваат традиционални јадења и производи. По саемското промовирање во Софија и на саемот во Фоча, Босна и Херцеговина, овие зачувани производи од Кратово од 21 до 26 октомври годинава беа претставени и на саемот по угостителство во Торино, Италија, на кој беа претставени традиционални јадења и додатоци од целиот свет.
- Со претставувањето на саемските штандови на Балканот и во Европа имаме желба да ги зачуваме од заборав ваквите производи и традиционални јадења. Тие се дел од културата и од традиционалната кујна на луѓето од овој крај - изјави Филипо Унтерхофер, претседател на организацијата „Слоу фуд“ во Република Македонија.
Текстот е превземен од ДНЕВНИК, автор е Трајче Строимановски