Сместено на западната страна на планината Осогово, во пазувите на кратер на неактивен вулкан, надалеку познат како град на кули и мостови, Кратово уште од римско му пркоси на времето. На надморска височина од околу 600 метри, од дамнина познат како рударски град, во ова место генерации наназад тргувале со злато, сребро и со бакар.
Во 1689 година, градот бил напуштен, а рударските окна биле затворени се до 1805 година. Една година подоцна статистиката вели дека на ова место живееле 56 илјади жители, по што во 19 век, бројот на лицата кои го населувале Кратово почнал да се намалува.
Занаетчиите – враќање во минатото
За настанувањето на ова парче македонска земја, сега говорат артефактите, оние кои по многу векови ги пронаоѓа науката, а за кои се грижат се поголемиот број ентузијасти. Сакајќи Кратово да го оттргнат од заборавот и да го развијат во современ туристички центар, зошто овде има и култура и традиција уште од дамнина.
- Во Кратово имало голем број занаетчии, ковачи, шивачи, самарџии...Тоа за нас беше доволен мотив да организираме едно катче каде ќе се изработуваат автентични сувенири за овој крај, посебно за Кратово. Плетени калци, рала, грниња, колесници како што ги викаат овде коњските коли, се дел од палетата сувенири кои од пред неколку години можат да се најдат во првиот Општински Центар за карпеста уметност во Македонија – вели Стевче Доневски, ентузијаст кој цела своја енергија ја вложува за како што вика заживување на Кратово, но и за презентација на културата и традицијата на овој надалеку познат краj, на се поголемиот број домашни и странски туристи.
Центар за карпеста уметност
Заштита на карпестите гравири - артефакти, одржување на постојана изложба за нив, но и организирање на научни екскурзии и експедиции, едукација на младата популација за културното наследство на овој крај, изработка на сувенири из издавање на научни материјали. Сето ова е дел од активностите на Центарот со кој раководи Стевче. Ентузијастите од Центарот соработуваат со голем број волонтери информатори кои се грижат за собирање, селектирање и архивирање на артефактите најдени во Кратовско, организирање на предавања од областа на карпестата уметност и заштита на локалитетите, сето тоа ставено во функција на развој на алтернативниот туризам, кој полека но сигурно станува синоним и за овој регион. Бидејќи овој крај навистина има многу што да понуди. И на домашните и на странските туристи кои од ден на ден ги има се повеќе.
- Центарот за карпеста уметност има воспоставено соработка со повеќе странски туроператори. Туристи од Италија, Германија, Франција, Полска и Англија се наши чести гости. Се поголем е и интересот на домашните туристи за запознавање на овој регион, што нам ни причинува исклучително големо задоволство – објаснува Стевче.
Центарот соработува со голем број невладини организации од регионот. ,,Архитектурата на градот Кратово е она што ги воодушевува туристите. Кулите, подземните тунели, Лесновскиот манастир, боровите, големото Градиште во селото Коњух, Цоцев Камен и секако, сега веќе надалеку познатиот локалитет Куклица. За оние кои сакаат авантура, особено интересен е еден античкиот рудник во селото Шлегово, но и многу други места - додава Стевче.
Мостови...
Ги поврзуваат левиот и десниот крај на Кратово, мостовите, одамна се синоним за овој град, архитектура која и по многу векови од градбата, го воодушевува секој посетител добронамерник. Заштитени се со закон како културно наследство, но, на некои од нив намерно или не, ликот им е променет во духот на новото, модерно време. Постарите изградени од камен, Чаршиски, Грофчански, Крајни и уште неколку, како и во минатото и сега, ве повикуваат да зачекорите по нив, да ја доживеете сегашноста, но и да ѕирнете во минатото. Не само преку архитектурата која е афтентична за овој регион, чаршијата во која одѕвонуваат чекорите од минатото, преку многубројните тунели кои ги поврзуваат мостовите под камените кули, сега немо сведочат за историјата за животот во овој град пред многу векови и децении.
- Во Кратово сите мостови, сите кули имаат свое значење. За да се скрие богатството сите кули се поврзани со подземни тунели, а еден од нив е претворен во винарска визба. Тој ги поврзува Крстева и Сердска кула. Тука се чува вино и ракија од домашно производство која за странските туристи е вистински специјалитет. Гостите од Англија, Полска и од другите светски земји се вчудоневидени од архитектурата и инфраструктурата на овој преубав град – вели овој ентузијаст.
Кратово - на крстопатот на сегашноста и иднината
Растргнато меѓу сегашноста и иднината, Кратово му пркоси на времето. Исто како и занаетите кои едвај опстојуваат во новото време. Оние кои некогаш се грижеле за чаршијата, за одбројувањето на времето на градскиот часовник, за кулите, сега се борат со минатото и сегашноста и со предизвикот како да му се противстават на современото, каде се помалку го има битието и традицијата на кратовчани.
Измешани емоции за се што ќе видите во Кратово, за минатото и сегашноста, но и за перспективите зошто ги има многу во овој преубав регион. Вакви се чувствата откако ќе го посетите ова населено место, пребогато со добри и вредни луѓе, чувари на традицијата.
Гајдаџијата Љупчо-чувар на традицијата
А кога зборуваме за традицијата, не бива да не го споменеме верниот придружник на секоја туристичка тура - гајдаџијата Љупчо Спасов од кратовското село Живалево. За себе вели дела е вљубен во гајдата од својата осма година. Свити скоро секој ден и за него најважно е на големиот број странски туристи преку песната да им пренесе дел од традицијата од овој крај.
- Ја забавувам скоро секоја тура странски туристи кои доаѓаат во Кратово. Најтешко ми е кога со збор не можам да се разберам со нив, но, по првата свирка со гајдата, зборовите не се важни. Важна е радоста која во срцата на секој гостин ја носи милозвучниот звук на гајдата – вели Љупчо објаснувајќи дека поради интензивното свирење на овој традиционален музички инструмент, принуден е на секои два години да ја менува кожата на гајдата, иако вообичаено на неа се свири многу подолго.
По потекло е Шоп, но на забавите со туристите Љупчо носи которска носија. ,,Подарок ми е од сопругата, затоа многу ја сакам оваа традиционална градска носија, на шега вели тој и додава дека особено задоволство му причинува кога ја кити гајдата. А таа, налицкана како што вели како најлична мома, е како магнет за странците.
Англичани, Полјаци, Италијанци...
Три дена гости од Англија се гости на Стевче и Центарот за карпеста уметност. И Рејчел и Брајан Вилијамс се дел од туристите кои деновите уживаат во убавините на Кратово и неговата околина. Воодушевени се велат од гостопримството на кратовчани, од нивната посветеност најверодостојно да им ги претстават убавините на овој преубав крај, за кој алтернативниот туризам веќе е неколку години е реалност.
- Убавините кои ги видовме овде не се споредуваат со ниту едно друго место кое сме го посетиле. Едноставно,уникатно е се што видовме во Кратово. Научивме се за традицијата и настанувањето на градот и околните населени места, уживавме во прекрасните звуци на гајдата, сами подготвивме к’цана сол која е уникатен, традиционален специјалитет, автентичен за овој крај – вели Рејчел и додава дека на своите пријатели топло ќе им препорача да ја запознаат Македонија, зошто ова мало парче земја има многу што да му покаже на светот.
- Уживам во секој момент поминат во Сенчева куќа, стара градска куќа која неодамна Стефче ја обновил и ја приспособил за сместување на туристи. Афтентична, таа со целиот свој дух широко ги отвори портите за нас, а токму овде со несебична помош на домаќините, уживавме во подготовка на традиционални јадења за овој крај. Правевме слатко од смокви, од грозје. Правевме и пинџур, лутеница и к’цана сол – вели Рејчел.
На туристите им е исполнет секој момент од денот. Стефче објаснува дека тие ги посетуваат црквите, манастирите, археолошките, геолошките локалитети како што се Цоцев камен, селото Шлегово познато по вулканските топки и многу други места, а и уживаат во уникатниот вкус на македонските традиционални јадења.
сторијата е преземена од www.zemjodelstvo.mk