gogo

A+ R A-


Прекрасна репортажа на „Утрински“ за убавините на Кратово

Иако е оддалечено стотина километри од Скопје, македонската метропола Кратово за многумина Македонци е предизвик за „прво освојување“ на градот со многу легенди. Табиетот за преиспитување и резервираност во врска со сопствените вредности и богатства, некако предизвикува кратовските приказни и епитети да се ставаат во наводници, да се доживуваат повеќе како легенди и метафори отколку како историска вистина. Навистина, многу историски вистини од различни времиња за ова гратче во североисточна Македонија, честопати се спојуваат во една легенда, но уште при првата посета сфаќате дека сите приказни што се поврзани со Кратово и со златото можат слободно да стојат без наводници. 

„Еден османлиски поет од 15 век напишал: ’Османлиите не треба да одат на аџилак во Мека и во Медина, туку во Дубровник и Кратово. Од таму доаѓа златото за Османлиската империја’. Во времето на СФРЈ, Кратово и Дубровник беа збратимени градови“, раскажува Далибор, еден од тројцата лиценцирани туристички водичи од Кратово, неодамна вратен од неколкугодишен живот во Лондон, а денес работи повеќе работи во својот роден град, без никакви фрустрации што се вратил од една светска метропола. „Еден султан, чинам Мурат, во 15 век дури има и престојувано седум дена во Кратово. Маалото каде што престојувал султанот и ден денес се нарекува Царина Маало, а патот што води до тоа маало се нарекува ’Крк мердевен’, што значи ’ 40 скалила’“, тече приказната на Далибор, која се движи меѓу легендите и историјата.

Кратово се смета за една од најстарите градски населби на Балканот. Во Римскиот период Кратово се нарекувало Кратишкара и било дел од римската провинција Дарданија. Интересен е фактот што уште во Римскиот период во Кратово била изградена канализација, со височина на каналите колку просечна човечка висина. Дури и денес се користат каналите од Римската канализација. За време на Византискиот период се нарекувало – Коритон или Користос, за денес да го носи името Кратово. 

„Всушност постојат две теории за потеклото на името на градот“, вели Лиде, апсолвентка на Филолошкиот факултет во Скопје, која студира англиски и француски јазик, но е и лиценциран туристички водич за Кратово. „Првата, која е поинтересна за туристите, е онаа која вели дека името потекнува од фактот што градот лежи во кратерот на еден одамна изгаснат вулкан. Втората теорија се заснова на тоа што позицијата на градот потсетува на корито, зашто од сите страни е обиколен со Осоговските Планини, кои на некој начин и го заштитуваат. Градот има амфитеатрален облик.“

alt

Теоријата за вулканското потекло на градот, освен со амфитеатралната форма на маалата, е сосема реално поткрепена и со рудните наоѓалишта во околината на градот, па и со значително богати наоѓалишта на злато – во минатото, а и сега се актуелни истражувања за откривање на ново наоѓалиште на златна руда. 

„Боровите се заштитен знак на градот, кои се стари речиси шест века. И со овие борови е поврзана една легенда“ - продолжува приказната на Лиде. „Кратово отсекогаш било поврзано со рударството, токму поради тоа што е вулкански предел и има повеќе наоѓалишта на различни руди. Тука, пред шест века се доселите рудари од германското племе Шлези, како и Сасите. Во близина на Кратово денес постои селото Шлегово, за кое постои основано верување дека денешните жители се наследници токму на Шлезите. Повеќето од луѓето од Шлегово имаат светол тен, руси коси и сини очи, па дури и кратовците ги нарекуваат Германци. Токму Шлезите, имале обичај да садат дрвја таму каде што се населувале. Верувале дека како што расте дрвото, така ќе им расте и племето и бериќетот. Кога се населиле во Кратово, Шлезите насадиле пет бора и два костена. Од тие пет бора, денес останале само два. Првиот бор е исечен во 1948 година, од кој се направени разбоите за првата Килимарница во Кратово, отворена таа година. Вториот бор бил изгорен од гром, а легендата вели дека бил толку стар и голем, што горел десетина дена. Третиот бор бил исечен кога бил правен патот. И така денес се останати само два бора од тие што ги посадиле Шлезите. Освен тоа денес постои верување дека овие два бора ја претставуваат љубовта: едниот е машки, другиот –женски бор, меѓусебно со стеблата се оддалечени десетина метри, но гранките им се испреплетуваат како во една вечна љубов“ - завршува со раскажувањето на уште една легенда Лиде. 

Во поновата туристичка амбиција на градот, Кратово најчесто се рекламира како градот на мостовите и кулите. Навистина, според бројот и изгледот на мостовите (некогаш 14, а денес останати само 5), Кратово потсетува на италијанската Фиренца. Мостовите во Кратово имаат полукружни лакови, кои изгледаат импресивно, само еден мост има два лака, изработени од полуобработен камен. Во Кратово имало 14 моста, а денес се останати: Грофчанскиот, Чаршискиот, еден кон маалото Табачка - наречен Змиски или Оршински мост, Радин мост и Арбулички мост. Додека бројот на кулите изградени во 14 век достигнал до 13, од кои денес се зачувани само шест, а две се реновирани, со музејски поставки. 

alt

Во Музејот на град Кратово е сместена етнолошка поставка со народни носии од кратовскиот крај, постои и нумизматичко одделение. Тој е отворен секој ден. Двете кули се под заштита на Музејот на град Кратово. Стариот турски затвор се наоѓа под Музејот, а постојат планови да се адаптира како ресторан. 

„Кулата на која бил поставен градскиот часовник, логично е наречена Саат-кула, а била градена во 1372 година. За жал механизмот денес не е тука, но останало името“, раскажува Лиде. „Порано имало 13 кули, а денес се зачувани само шест во Кратово. Кулите ги градел кратовскиот владетел-феудалец, Константит Дејанов, за да го заштити градот од навлегувањето на османлиите. Освен за заштита на градот, како одбранбени објекти, овие кули биле и живеалишта. Првиот кат служел како складиште, каде што биле сместени продуктите за живот. На вториот кат биле сместени работниците и послугата, додека на најгорните катови, кои се најпространи, со најдобар и најубав поглед на градот, живееле великодостојниците со нивните семејства. Интересно е што сите кули во Кратово биле поврзани со подземни ходници. Тие ходници биле правени, за во случај на напад и опсада на градот, жителите да можат да побегнат и незабележано од непријателот да го напуштат градот. Влезот на еден од главните подземни ходници е под Гровчанскиот мост, а излезот е кај Радин мост, од каде што патот води кон планините – раскажува лиценцираниот туристички водич Лиде Стојанова. 

Речиси за секој објект во Кратово, особено за кулите, постои некоја легенда. Таква е и легендата за Царичина кула и принцезата Сара, од родот на царицата Елена и нејзиниот син, царот Константин. При еден напад на градот Кратово, Сара успеала да побегне низ подземните ходници Кратово, но притоа со себе го понела и царското злато. Но потоа никој веќе не ја видел ниту Сара, ниту златото, па се' уште постои надежта дека еден ден ќе биде пронајдено златото на принцезата.

Денес во Саат-кулата е изложена музејската поставка која го прикажува Кратово низ вековите. Покрај оваа изложба, тука е и поставката за Карпошовото востание. Карпош бил водач на познатото Карпошово востание подигнато против османлиското владеење во 17 век, односно 1689 година. Тој успеал да ги ослободи североисточните краишта од денешна Македонија, т.е. Кратово, Крива Паланка и Куманово. Чекајќи помош за да ја продолжи борбата, која не ја добил, востанието на Карпош било задушено, а тој бил маченички погубен - наденат на кол на Камениот мост во Скопје, а потоа фрлен во реката Вардар. По задушувањето на Карпошовото востание, османлиите за одмазда вршеле уште поголеми репресии врз македонското население, особено во регионот на востанието, па многу кратовци тогаш се иселиле од Кратово.

Во Кратовската област порано не влегувал само градот Кратово, туку во неа припаѓале и Злетово и Лесново. Позната е Кратовската книжевна школа, која била речиси со еднакво значење како и Охридската книжевна школа. Кратовската книжевна школа ја сочинувале манастирите „Свети Прохор Пчински“, „Свети Јоаким Осоговски“ и „Свети Гаврил Лесновски“. Значајни претставници на оваа школа се Димитар Кратовски од 15 век и Јован Кратовски од 16 век. Меѓу значајните кратовци од поновата историја е и Павел Шатев, познатиот гемиџија од солунските атентатори, но и првиот министер за правда во независна Македонија, кој си има свое место во историската поставка во Саат-кулата.

alt

Куклица – скаменетите свадбари

На оддалеченост од 8 километри од Кратово се наоѓа локалитетот Куклица. Тоа се, всушност, групи земјени пирамиди и столбови, настанати со долготрајна ерозија на вулканските карпи. Поради долготрајните атмосферски влијанија карпите се модифицирале во карактеристични облици. Овие процеси кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, па некои од земјените пирамиди постепено се уништуваат, а се создаваат други.

Но од логичните и природонаучни објаснувања, секогаш се поинтересни легендите. Меѓу народот постои предание, односно легенда за настанокот на камените кукли кој се поврзува со свадбата и несреќната љубов на едно момче со две девојки од тој крај. Според преданието, многу одамна во село Куклица се случила голема трагедија. Едно момче, кое било голем мајстор неимар-ѕидар, а воедно и лажго и љубовџија, живеело во село Куклица. Во него една девојка била бескрајно вљубена, но тоа се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Во преданието невестата била побогата девојка од долното маало, додека вљубената девојка која ја фрлила клетвата била поубава, но сиромашна девојка од горното маало. Кога дошол свадбениот ден, навидум се' било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Во една друга верзија на легендата се вели дека момчето им закажало свадба и на двете девојки во ист ден, а кога посиромашната поубава девојка ги чула гајдите и тапаните ги проколнала младоженците и сватовите да се скаменат. Селаните го викаат местото „Весела свадба“ или „Камена свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети „кукли“ местото го добило своето име – Куклица.

Јасминка Павловска  http://utrinski.mk/default.asp?ItemID=55AC67B55D33224888F7917F8EEED72D

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.