Италијанците ќе го запознаваат Кратово
пишува - Оливер Арсовски
Балканија – Балканска асоцијација за алтернативен туризам го промовира првиот туристички водич за Република Македонија на италијански јазик, современо уреден и наменет за туристичкиот пазар на Италија.
Автор на туристичкиот водич е почесниот претседател на Балканија д-р Фабио Котифава, голем вљубеник во убавините на Македонија.
Поголемиот дел од тиражот на водичот, ќе биде бесплатно поделен во Италија на туроператорите и туристичките агенции како алатка за работа со цел промоција на туристичките потенцијали на Македонија и можност Македонија да се нуди како туристичка дестинација. Во водичот се застапени содржини поврзани со Кратово и неговите туристички потенцијали, а како водич е претставен Стевче Донев.
Водичот е прво издание на Балканија, печатен е во 6000 примероци, а главен спонзор е познатата италијанска транспортна компанија „Паганели“.