Шанчева куќа, една од најубавите староградски градби во Кратово стана првата етнокуќа во Осоговскиот регион. Новиот сопственик Стевче Доневски започна со реновирање на ова архитектонско ремек-дело старо повеќе од 300 години, задржувајќи го оригиналниот градителски стил и изглед на типична кратовска градска куќа. Целта е гостите да ја почувствуваат домашната атмосфера, со можност сами да си приготват традиционални кратовски јадења.
-Шанчева куќа ја купив во 2009-та година од старото кратовско семејство Ѓурѓинчеви. Посетителите може да го посетат Кратово и да преноќеваат во Шанчева куќа, а воедно да си подготват ајвар, слатко и пинџур. Притоа, целта е да се почувствуваат како да се дома – вели Доневски.
Шанчева куќа името го добила по некогашната сопственичка. Неа кратовци ја нарекле Шана, што на кратовски дијалект значи убава, модерна и дотерана жена. Минатите денови куќата ја посетија туроператори од Канада и САД, како претходница на бран туристи од преку океанот.
-Наша цел беше да ја промовираме Македонија.Кога не прашаа туроператорите што е она што е вредно да се види, ние рековме дека тоа е нашиот фолклор, традиционална храна и ракотворбите. Еден од најзначајните региони за развој на алтернативниот туризам во земјава е Кратово со сите свои специфики – рече Владо Србиновски од „Балканија“, балканска асоцијација за алтернативен туризам.
-Кратово по мене заслужува да биде град – музеј, само малку треба да се среди за да изгледа уште поубаво. Јас често го споредувам со хрватскиот Трогир, бидејќи потенцијалите на Кратово се скоро исти како оние на Трогир – истакна Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Туризмот денес е една од најпрофитабилните економски гранки. Жителите на Кратово сфатија дека од алтернативен туризам може сосема пристојно да се живее.
Една од најубавите стари градски градби во Kратово, Ѓурѓинчевата куќа, позната меѓу денешните Kратовци и како Шанчева, ќе биде првата етнокуќа во Осоговскиот регион, каде што домашни и странски туристи ќе престојуваат, но и ќе приготвуваат традиционални македонски специјалитети. Новиот сопственик, кратовецот Стевче Доневски, веќе почнал да ја обновува и сака да и го врати некогашниот сјај на автентичната староградска архитектура, по која е познат овој древен град. Со сопствени пари уредил дел од просториите, а со кредит за самовработување ќе го довршува реновирањето, задржувајќи го оригиналниот градителски стил и изглед на типичната кратовска куќа.
- Таа е во стариот дел од градот, во близина на Среската кула, а со обновата нема да биде променето ништо од препознатливата архитектура и внатрешно уредување. Само ќе ја валоризирам нејзината автентичност, за да можат туристите да го почувствуваат духот на некогашниот кратовски градски живот. Тоа нема да биде типичен туристичко-сместувачки капацитет со посебни стандарди, туку објект каде што ќе се чувствува домашната атмосфера, како да сте на гости во нечиј дом. Со стари предмети и експонати се уредуваат сите простории, а има и вински подрум каде што, освен кратовска ракија и вино, има и многу артефакти од богатото кратовско наследство. Целта ми е покрај престојот, гостите сами да приготвуваат и македонски традиционални јадења, од кои, всушност, е составено и нашето мени - вели Доневски.
Иако с` уште не е целосно обновена, во неа веќе престојувале првите странски туристи, кои се одушевени од долговековната кратовска историја, средновековните кули и мостови, како и староградската архитектура. Доневски објаснува дека дел од нив сами правеле слатко од смокви и грозје, пинџур, лутеница, к’цана сол... Меѓу нив и Рејчел и Брајан Вилијамс од Англија, кои му напишале дека засекогаш ќе го запаметат прекрасниот престој и ручек во Kратово, како еден од најубавите моменти од нивното патување и дека нашата земја ќе им ја препорачаат и на своите пријатели.
Kога била изградена Ѓурѓинчевата куќа не се знае точно, но се претпоставува дека е стара над 300 години, а досега повеќепати била реновирана. Kратовци денес повеќе ја знаат како Шанчева куќа, по една од нејзините сопственички, која била наречена Шана, што на кратовски значело, убава, модерна и дотерана жена. И една од потомците на сопствениците на оваа позната кратовска куќа, Олга Ѓурѓинчева, не се сеќава колку точно е стара куќата во која израснала. Претпоставува дека ја градел дедото на нејзиниот татко и полна со љубов зборува за животот во неа и во Kратово.
- Дедо ми Харалампие Ѓурѓинчев бил познат трговец, а баба ми Александра била најдотераната жена. Носела бунда од астраган, шапки, високи чизми, дедо ми ~ носел материјали од Солун и од Дубровник, од кои шиела раскошни фустани. Другарките од завист ја нарекле Шанчева, па затоа денес нашата куќа е позната и по тоа име. Таа била меѓу најубавите во Kратово, имаше два чардака, баба ми и мајка ми сами ги ткаеја килимите со мостри на шари донесени од Солун, имавме голем салон за гости, а креветите во спалните беа од ковано железо. Во подрумот, пак, има бунар, кој е всушност излез на тунелот од кај местото Алиманци - раскажува 77-годишната пензионирана учителка Олга.
Во оваа куќа се родила таа, а тука ја родила и својата ќерка Јорданка. Семејството Ѓурѓинчеви во 1957 година се иселиле во Скопје, но Олга често навраќа во родниот крај, од каде што ги носи спомените од детството.
- Имавме двор со прекрасни цвеќиња, а целата куќа однадвор беше обрасната со див розов багрем-месечар. Татко ми од него донесе во Скопје, а јас го засадив во Дојран, каде што имам куќа. Ги однесов таму и пердињата плетени од мајка ми и баба ми и други ракотворби, а куќата и дворот ги уредувам баш онака како што беше и родната во Kратово - вели Олга.
Братот на нејзиниот дедо, пак, бил комита и побегнал од Турците во Бугарија. Еден од неговите наследници, Иван Ѓурѓинчев, во 90-тите години бил и градоначалник на Ќустендил. Семејството е гордо и на фреската во црквата „Св. Јован Претеча“ во Kратово, која била подарок од Харалампие Ѓургинчев.
- Целата оваа историја на семејството Ѓурѓинчеви, спомените и зачуваните артефакти, кои ги отсликуваат кратовската култура и традиција, ќе им ја пренесувам на туристите што ќе доаѓаат овде - вели новиот сопственик Доневски.