gogo

A+ R A-


Станечки водопади - туристичка атракција во Осоговието

Одиме на водопади до Крива Паланка

Станечки водопад или Станечки водопади на Козја Река (десна притока на Дурачка Река, која во градот Крива Паланка се влева во Крива Река), се наоѓаат во северниот дел на Осоговските Планини, кај с. Станци, 8 км јужно од Крива Паланка. До самото село Станци во долината на Дурачка Река, води асфалтен пат долг 5 км. Потоа се тргнува по патека која води покрај Козја Река и по околу 3 км или 30-тина минути пешачење се доаѓа до големиот Станечки водопад. Водопадот е на  надморска височина од 1160 м и функционира во текот на целата година. Неговата височина изнесува 11 м, по што е најголем постојан водопад на Осоговските Планини (нешто помал е водопадот на Злетовска Река кај с. Јамиште). Во подножјето на овој ерозивен водопад, со вртложното движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец. Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи уште 3 м на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 м. Инаку водопадот е релативно пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина. Спротиводно по реката, кон повисоките делови има уште неколку мали водопади кои го надополнуваат амбиентот. Освен Stanci-Vodopad-225x300водопадите, на овој простор има интересна појава на огромни карпести блокови, настанати со механичко распаѓање. Самата долина на Козја Река е тесна и на одредени места скоро вертикална, со изглед на мал кањон, па искачувањето по неа е доста тешко. Кон исток, долината стрмно се издига кон билото на Калин Камен на околу 1800 м и понатаму кон Царев Врв, што може да биде интересна рута за планинарење. Сето наведено, надополнето со свежата и пријатна клима, чистиот воздух, зеленилото, архаичните објекти на с. Станци и с. Дурачка Река, како и блискиот етно ресторан и рибник, прават посетата на овој простор да биде извонредно доживување.

Автор: д-р Ивица Милевски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.