фото и текст - Оливер Арсовски
Доколку сакате убав летен одмор, а притоа да не потрошите еден куп пари, Охрид дефинитивно не е идеалниот избор. За вас идеалната дестинација се нарекува Стар Дојран. Главните адути на ова мало туристичко место, кое летово доживува туристички бум, е топлата и лековита езерска вода, како и навистина ниските цени за сместување и исхрана. Но, да одиме со ред.
Дојранско езеро е вистински рај за малите деца. Температурата на водата е идеална за децата, кои кога ќе влезат, знаат со часови да останат во вода. Лековитоста на алгите докажано позитивно влијае врз психофизичкото здравје, особено кај болести на респираторните органи и кожни заболувања.
Голем минус за дојранчани е недоволната уреденост на плажите. Само еден потег од околу 100 метри е со ситен песок, додека на останатите делови од плажата долга околу 500 метри има многу камења, исушена трева. Тука секако се и неколкуте приватни плажи на кои се плаќа лежалката и чадорот, за оние со подлабок џеб.
Но, затоа голем плус за прекрасното шеталиште, дрворедот со сенки, хортикултурно уредување со цвеќиња, клупи, осветлување, прекрасна вечерна глетка на езерото, сето тоа мами за вечерни прошетки долж брегот на езерото.
Сместување е евтино и релативно квалитетно. Дојран може да се пофали со неколку хотели, но за гостите е поинтересно приватното сместување. Цената на едно ноќевање во приватни куќи се движи околу 300 денари, но во главниот туристички шпиц од 20 јули до 20 август е тешко да се дојде до соба и цената на креветот може да стаса и до 400 денари. Во Дојран може да се изнајми солиден апартман за двајца возрасни и две деца, со ТВ, клима, сопствен тоалет за цена од 1.200 до 1.500 денари.
Посебна приказна е храната. Во Стар Дојран воопшто нема да почувствувате дека се наоѓате во туристичко место за кое сте помислиле дека се е поскапо барем за 30 посто. Во центарот ќе наидете на огромен супермаркет со ниски цени, наутро ќе појадувате бурек за само 40-50 денари, ќе ручате во елитен ресторан за 250 денари (шарска плескавица 130, големо Скопско 70, шопска салата 50), а навечер може да посетите некој од многуте летни шанкови.
Доколку патувате со сопствен автомобил, ве очекува пат долг 320 километри во двата правци. Тоа значи најмногу 20 литри бензин или најмногу до 1600 денари за превоз. Не е многу, нели...