Неколку причини зошто на летување во Стар Дојран
пишува - Оливер Арсовски
Доколку сакате убав летен одмор, а притоа да не потрошите еден куп пари, за вас идеалната дестинација се нарекува Стар Дојран. Главните адути на ова мало туристичко место, кое летово доживува туристички бум, е топлата и лековита езерска вода, како и навистина ниските цени за сместување и исхрана. Но, да одиме со ред...
Дојранско езеро е вистински рај за малите деца... Температурата на водата е идеална за децата, кои кога ќе влезат, знаат со часови да останат во вода. Лековитоста на алгите докажано позитивно влијае врз психофизичкото здравје, особено кај болести на респираторните органи и кожни заболувања.
Голем минус за дојранчани е недоволната уреденост на плажите... само еден потег од околу 100 метри е со ситен песок, додека на останатите делови од плажата долга околу 500 метри има многу камења, исушена трева...
Но, затоа голем плус за прекрасното шеталиште, кое пред неколку месеци го направиле властите на Дојран. Дрворед со сенки, хортикултурно уредување со цвеќиња, клупи, осветлување, прекрасна вечерна глетка на езерото... сето тоа мами за вечерни прошетки долж брегот на езерото...
Сместување... евтино и релативно квалитетно... Дојран може да се пофали со неколку хотели, но за нас е поинтересно приватното сместување. Цената на едно ноќевање во приватни куќи се движи околу 300 денари, но во главниот туристички шпиц од 20 јули до 20 август е тешко да се дојде до соба и цената на креветот може да стаса и до 400 денари.
Посебна приказна е храната. Во Стар Дојран воопшто нема да почувствувате дека се наоѓате во туристичко место за кое сте помислиле дека се е поскапо барем за 30 посто. Во центарот ќе наидете на огромен супермаркет со цени пониски отколку во кратовските маркети, наутро ќе појадувате бурек за само 40 денари (со плус една кора од оној што сте навикнале да го јадете во нашиот град), ќе ручате во елитен ресторан за 250 денари (шарска плескавица 130, големо Скопско 70, шопска салата 50), а навечер може да посетите некој од многуте летни шанкови (цените се за 10-20 денари повисоки отколку кај нас)...
Доколку патувате со сопствен автомобил, ве очекува пат долг 320 километри во двата правци. Тоа значи најмногу 20 литри бензин или најмногу до 1300 денари за превоз. Не е многу, нели...