gogo

A+ R A-


Велинград - минерална бања која вреди да се посети

altВелинград е најрепрезентативното место за одмор, туризам и лекување во западните и северозападните Родопи. Тој е туристичка атракција од посебно значење за Бугарија. Се наоѓа во западниот дел на Чепинската Котлина, 49 км југозападно од Пазарџик, 130 км југоисточно од Софија и 85 км југозападно од Пловдив. Има планинска надморска висина од 750 до 850 метри, студени зими богати со снег што се задржуваат до 50 дена, пријатни есен и пролет и топли лета.

Но, најголемото богатство со кое природата несебично ги подарила Родопите во Велинград се многубројните разнообразни минерални извори, што ги има речиси на секој чекор. Самиот град се простира меѓу три реки - Чепинска, Луковица и Еленка. Небаре секоја улица во Велинград има по две чешми од кои блика и врела и студена минерална вода. Водоснабдувачкиот базен опфаќа околу 800 квадратни километри и до денес постојат околу 80 минерални извори. Минералниот изблик е 143 литри во секунда со температура меѓу 28 и 86 Целзиусови степени.

Воздухот во Велинград, чист и прозрачен, овозможува умерени климатски колебања кои дозволуваат лесна адаптација на човечкиот организам без какви било здравствени тегоби, додавајќи дополнителна можност за лекување низа заболувања сврзани со горните дишни патишта и белите дробови. Минералните бањи со своите лекувачки состојки и температура ги лекуваат речиси сите човечки заболувања, како невролошките, срцевите, бубрежните, кожните, црнодробните, стомачно-цревните, кожните, гинеколошките и проблемите со женскиот и машкиот стерилитет.

Градот Велинград настанал во 1948 година со соединување на населбите Чепино, Лджани и Каменица во чест на воинката Вела Пеева, која загинала во Втората светска војна до селото Л?джани. Според податоците добиени од неговиот веб-сајт, Велинград има 43.655 жители населени на 818 квадратни километри, сместени на вкупно 35 локации. Според етничката структура, 30.848 се Бугари, 10.377 се Турци, 2.210 се Роми и други - 220. Се смета дека годишно во Велинград летуваат и се лекуваат околу 300.000 туристи, од кои најголем број се - Македонци.

http://velingrad-spa.com/wp-content/uploads/2014/08/EMO-VELINGRAD-71.jpgВодите во населбата Чепино се радонови (радиоактивни), силициево-флуорно-хидрокарбонатно-сулфатни со значителни количества натриум, калциум и калиум, со киселобазна вредност од 9.16 единици и температура од 42 Целзиусови степени. Радонот го забрзува создавањето на витаминот Д и има докажано противвоспалително дејство. Капењето во минералните води во населбата Чепино има благопријатно дејство на нервите, кардиоваскуларниот и дишниот систем, а со нивно пиење се лекуваат стомачните и цревните тегоби.

Водата во населбата Лджани е натриумова-сулфатно-силициева-хидрокарбонатно-флуорна, со киселобазна вредност од 9.8 и температура од 43 Целзиусови степени. Корисна е за лекување на гастроинтестинални, црнодробно-жолчни заболувања, телесни и нарушувања на периферниот нервен систем. Инхалацијата на овие води лекува горнодишни вентилативни тегоби и белодробни нарушувања.

Водите во населбата Каменица се од сулфатно-натриумови-хидрокарбонатни-силициумово-флуорен тип, со киселобазна вредност од 9.3 и со висока температура на изворот од 88 Целзиусови степени. Врелата вода се разладува со специјална постапка и нејзиниот лекувачки ефект е најизразен за остеомускуларните нарушувања, гинеколошките тегоби, артериосклерозата, хипертониите и нервните растројства.

Гордоста на Велинград е природниот феномен - Клептуза, за кого постојат голем број легенди и приказни. Клептуза, всушност, е најголемиот карстен извор во Бугарија. Секоја секунда на површината бликаат 570 литри студена вода која формира две езера што потоа се сливаат во Чепинска Река. Околу езерото Клептуза е создаден парк за одмор и рекреација. На горното езеро постојат вкусно средени и атрактивни кафеани и ресторани, кои ги нудат сите бугарски кулинарски и гастрономски специјалитети и деликатеси, а гостите можат да се забавуваат со возење педалини на проѕирната вода во која пливаат големи пастрмки. Над атрактивната Клептуза, скриен во зеленилото на високите борови, се наоѓа елитниот хотел "Велина". Ова соцреалистичко здание во времето на бугарскиот соцреализам бил недостапна вила на бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков. Денес хотелот "Велина" е недостапен за туристите со плиток џеб.

Велинград се наоѓа на помалку од 300 км раздалеченост од Кратово. Во Велинград можете да избирате меѓу хотелско и приватното сместување. Постојат повеќе хотели од кои поголемиот дел од нив се од типот на синдикални одморалишта набрзина преадаптирани во хотелски капацитети. За еден кревет се плаќа 7-8 евра во апартманска соба. Хотелите нудат домашни специјалитети и жива, кафеанска музика на која доминираат македонската и српската забавна и народна музика.

Но, македонските туристи најмногу ги привлекува приватното сместување, кое се движи од 8 до 10 лева за кревет (1 евро се менува за 2 лева), зависно од оддалеченоста од центарот на Велинград и од комфорот на собата што се нуди. Обично, домаќинот нуди двокреветна соба со користење заедничка бања и тоалет со другите соби од истиот кат.

Вистински благодат за македонските туристи се цените во рестораните, бидејќи се навистина евтини. Се служи квалитетно наливно пиво "каменица" и "загорка", а се бара и локалниот специјалитет, мастиката "пештерска". Капењето во минералните базени се наплатува најчесто по 2 лева влезница, со можност за уште 2 лева за лежалка и 1 лев за чадор за сонце. Базените задолжително имаат бесплатен спасувач и масер, кој ви ги нуди масерските услуги за 7-10 лева. Секако, постојат лекарски тимови за соодветна здравствена консултација, доколку имате потреба од тоа. Сите базени задолжително на влезот ја истакнуваат температурата на водата, која најчесто се движи од 30 до 37 Целзиусови степени.

Во центарот на градот постои градска минерална плажа, составена од три базени со три различни температури: малиот базен е со речиси жешка вода, средниот со топла вода, додека големиот базен е со студена, минерална вода. Тушевите речиси сите се со топла, минерална вода. Значи, можете да се капете наизменично во топла и студена минерална вода јакнејќи го организмот и закрепнувајќи ги вашите разнишани нерви. Во почетокот се чудите од луѓето кои со сапун и шампон грижливо се мијат под топлите тушови, но набргу ви станува јасно дека тоа се оние кои плаќаат по 5 лева за кревет без пристап до бојлерот. До секоја жешка плажа постои и покриена пералница каде што во бетонски корита велинграѓаните можат да ги перат своите алишта бесплатно.

Секој дел од Велинград има своја црква: во Чепино се наоѓа црквата "Свети Ѓорѓија" изградена во 1898 година, во Лджани црквата "Успение Богородично" изградена во 1896 година и во Каменица - "Света Троица", изградена во 1816 година. Постои и занимлив куриозитет: низ градот забележувате споменици на загинати борци од Првата св. војна, балканските војни и од Втората светска војна, како и зачувани спомен-обележја за воени комунистички активности по одредени локалитети.

Велинград на своите летни туристи им нуди и занимлива културна програма составена од театарски претстави, изложби и фолклорни приредби со ансамбли од Бугарија, но и од блиските соседни држави. Градскиот плоштад секоја вечер ечи од настапот на културно-уметнички друштва кои најчесто завршуваат со заедничко оро на изведувачите и гостите на Велинград како доказ дека не постои граница за културните идентитети на сите народи.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.