gogo

A+ R A-


Вистиномер: Пренесен статус од Фејсбук доволен за постизборна инкриминација на политичка партија

altПишува Весна Коловска

Текстот под наслов „Кои се директорите од СДСМ кои прегазиле човек во Дебар Маало?“ објавен на Нетпрес, а реобјавен од Курир и уште неколку други сајтови, пренесува Фејсбук статус , во кој сведок на сообраќајка во скопско Дебар Маало тврди дека учествувале „СДС директорчиња“. Имиња нема, туку е пренесена фотографија од сообраќајната незгода, по која, како што тврди корисникот на социјалната мрежа, „директорите на СДС“ претепале 19 годишно момче.

Во прилог на постот се дава краток вовед, без понатаму да се истражи случајот.

Со оглед на тоа дека на објавените фотографии на Фејсбук се гледа присуството на сообраќајната полиција, во најмала рака, авторот можел да го провери случајот во Министерството за внатешни работи, односно да го следи цитираниот Фејсбук статус.

Основната работа на новинарот е да ги следи, истражи и провери добиените информации и да ги утврди фактите. Точноста на информацијата треба да се утврди колку што е тоа можно. По ова се разликува граѓанското новинарство од професионалното новинарство, кое е веродостојно, проверено и базирано на факти.

Случајот за кој пишува Фејсбук корисникот не е во дневените билтени на МВР во изминатите два дена (18 и 19.07.2020). Не се знае кога се случил, ниту како завршил и каква е состојбата, на како што пишува во постот, „претепаното дете“, кое побарало и лекарска помош. Корисникот на Фејсбук, на кого сајтот му го објавува постот, во следната објава инсистира новинарите да ги следат трагите и да го истражат овој случај.

Генерално, производот базиран на социјален медиум мора да биде дополнет со официјални информации, изјави и проверки и официјална потврда. Освен тоа, доколку постои кривично правен настан, тој има сторител со иницијали кои полицијата секогаш ги дава. Политичката припадност на евентуалниот сторител на кривично или прекршочно дело, на ниеден начин не придонела за евентуалното дело односно настанот за кој се известува, па оттаму е неважна.

Во членот 1 од  Кодексот на новинари, каде пишува: Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави (чл.1).

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.
© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.