Проектот Climate for Children на студентот Дарко Божиноски под менторство на асистентот м-р Ѓорѓи Какашевски од Факултетот за Информатика при ФОН Универзитет успеа да го добие бронзениот медал на “Incredible Green Contest” организиран од Acer.
Целта на натпреварот беше со користење на информатичките технологии да се креираат решенија кои ќе помогнат во заштита на животната средина и ќе ја покренат свеста кај луѓето, особено кај младите околу овие проблеми. На натпреварот можеa да учествуваат сите студенти запишани на додипломски и мастер студии кои работат или имаат идеја/ продукткој ќе придонесе за креирање на подобра и еколошки поздрава животна средина.
Натпреварот траеше речиси една година, започнувајќи во јули минатата година. На него учествуваа повеќе од 2100 тимови од повеќе од 100 различни земји, a нашиот тим како единствен претставник од Македонија успеа да се пласира во финалето. Во финалето покрај нашиот тим учество изборија уште 11 други тимови од кои: еден тим од САД (Харвард Универзитет), еден тим од Германија, пет тимови од Тајван, три тимови од Индија и еден тим од Кина.
Сите финалисти беа повикани во Тајван за финална презентација на нивните проекти пред 5-члено стручно жири кое се состоеше од: поранешниот извршен генерален секретар на Обединетите Нации на Рамковната Конвенција за климатски промени, г-дин Yvo De Boer, поранешниот претседател на Светскиот деловен совет за одржлив развој, г-дин Bjorn Stigson и три судии од Тајван, г-дин Shi Jei-Min, претседател на Институтот за истражување на индустриска технологија, г-дин Yancey Hai, претседател на DELTA ELECTRONICSи г-дин John Hsuan, почесен заменик – претседавач на United Microelectronics Corporation.
По финалната презентација, судиите го дадоа својот финален збор. Проектот на нашиот тим успеа да добие Бронзен медал, што преставува огромна чест и задоволство за нас. Во текот на 10-дневниот престој во Тајван, Acer имаше подготвено неколку активности за сите финалисти, овозможувајќи им на студентите пристап до најновите технологии и решенија на кои работат големите компании со цел заштита на животната средина.
Сите тимови – учесници во финалето исто така имаа единствена можност да постават дел од информациите за нивните проекти како дел од штандот на Acer на COMPUTEX - најголемиот ICT конгрес во Азија, втор во светот после CeBIT во Германија, каде што Acer го имаше еден од најголемите штандови на конференцијата, заедно со Microsoft, Intel и други големи компании. Овој конгрес се одржуваше во периодот од 03.06.2013 – 08.06.2013 каде во текот на овие шест дена, проектите на сите финалисти беа прикачени како дел од штандот на Acer. Со тоа им се овозможи на сите финалисти да ги покажат своите идеи и решенија пред значајни луѓе од IT светот како дел од овој голем конгрес.