1 МАЈ... Се будам во рана зора, неволно ги отворам очите, отворам прозор и забележувам дека надвор „силно светнал ден“. Пробудете се морни копачки и копачи – на трудот црн народ, си реков во себе, ама брзо си го преапав јазикот. По напорната недела на „жешкото“ априлско сонце, „копачите и копачките“ слатко си спијат на 1 Мај, полнејќи ги акумулаторите за следниот работен ден. Тука некаде и мене ми помина желбата да демонстрирам и штрајкувам за поголеми работнички права, но затоа „силно ми светна идејата“ за првомајска скара, за еден излетнички „слет“ во природата. Троа пилешки ражничиња, неколку „шарски“ плескавици, по некое „уштишче“ и „увијаче“, залиени со „длабок бунар“ и гарнирани со „шопска“, тоа е добитната комбинација. А ако некому му е до демонстрации, тоа нека го направи некој друг ден, и онака на 1 Мај нема кој да го слушне.
А сега, некој ред и за празникот. Меѓународниот ден на трудот е меѓународен празник кој се празнува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување на 8-часовен работен ден, беше употребена сила од страна на полицијата, при што имаше и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот беа изведени на суд, при што четворица од нив беа и погубени.
Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот оснивачки конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред се во комунистичките и бившите комунистички земји. И во Република Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. До 2006 година тој се празнуваше 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Во Македонија главно празникот не се одбележува политички и, наместо тоа, се користи како ден за екскурзии во природа.