Kоја е целта на факултетите? Kоја е главната задача и приоритет на студентите и професорите? Лесни прашања. Одговорот е јасен: главна преокупација на академците треба да биде стекнувањето нови знаења. Односно да се истражува, експериментира, анализира, учи...
Е, па, тогаш зошто се поставува ова лесно прашање? Чисто за да биде вовед во темава: се учи ли доволно во нашето високо образование? Велите дека и ова прашање има лесен одговор. Знам, ама еве преку примери да дојдеме до него. За да не биде сувопарно како поголемиот број факултетски предавања.
Пред некој ден, тукушто дипломираната економистка Александра од Скопје јавно на нашите страници во весников призна дека кога се вработила во банка, буквално била изгубена во работните задачи. Kако Црвенкапа кога залутала во шумата. Александра барала лево-десно решенија, ама тие не ~ доаѓале во пресрет за да сфати што треба да сработи. И по два месеца си заминала. Сега дополнително ќе учи. Сфатила дека треба да запне и да го надомести недоработеното за петте години студирање. С` со цел да не се изгуби повторно во некоја шума од работни задачи и лесно да стане плен на волк, кој им дава откази на приучени дипломци.
Работава е сериозна, а ја вртам на бајка? А колку семинарски и дипломски работи, кои требало да бидат наука, всушност се правени како бајки и при тоа успешно поминале кај универзитетските професори? Полни се факултетските рафтови со таквите „трудови“. Поболно е ако се такви и научните трудовите на многу нивни професори.
За да докажат дека разузданоста во високото образование, особено меѓу професорите, зема голем замав, пред некој месец тргнале тројца универзитетски професори во Србија. Напишале дело во кое навеле дека користеле материјали што ги изработил цртаниот лик Шилјо објавен во Микиев забавник. Па потоа додале и истражувања од 2012 година, кои ги објавил познатиот научник Лапласт - кој инаку е многу, многу одамна починат. Допишале и за правата на жената, па тоа го зачиниле со информатика... Така стокмениот бучкуруш и тешка зафрканција му го испратиле на „реномирано“ романско научно списание и сето тоа било објавено без и најмала исправка. Да, да. Многу поразително сознание дека се пишува с` и сешто само за да се биде присутен, а и за да се добијат потребните бодови за повисоко звање. Вистина, а како во лошите бајки.
Различни ли се состојбите во Македонија? Дај Боже, повеќето од нашите професори да не се пискарала за во сомнителни списанија. Ама тогаш кој ~ предавал и кој ја пуштил да дипломира Александра? И колку има такви како неа, кои завршиле, ама од струката имаат знаење како да се бруцоши или, еве, да бидеме попустливи, како да се втора година на студии? Многу прашања, а ректорите, деканите, наставничките совети и студентите треба да ги бараат одговорите.
Во меѓувреме додека ние трагаме по одговори, јапонски студенти прават робот што ќе ги положи тешките приемни испити на универзитет во Токио. На тоа огромниот дел од нашите студенти одговара со неверојатни изуми: како да препишат на испит. Е, па, така не оди понатаму, драги студенти. Доста е со фолирање, мора да се седне и да се учи. Доста е со површност и згора на тоа, таквата работа да се претставува како мангуплак или досетливост. Што е уште пострашно, таквите и се подбиваат со умните студенти што ги имаме. Биле бубалици. Kај професорите е исто. Доктор на науки зафркава или подучува свој колега дека не мора многу да запнува оти и онака никој не читал или не слушал предавања!?
Така не мислат во овде присутните амбасади на развиените земји. Тие на вредните и умни студенти (кои, за среќа, ги имаме) им приоѓаат со респект и потоа, се разбира, си ги носат во своите држави. Таму да им го искористат мозокот, а за тоа добро да им платат. Тие знаат дека само умните влечат напред. Знае и Kина, која е на добар пат да ги мине САД во научните достигнувања. Оти само така ќе може да биде и вистински лидер во светската економија. Во анализа од 1996 г. во САД биле објавени 292.513 научни труда, десет пати повеќе отколку во Kина, каде што биле објавени само 25.474. Во 2008 г. во САД има мал скок на 316.317, а во Kина бројот на научните трудови се зголемува седумкратно, на 184,080. Денес...
Зарем нема да фаќаме приклучок со светот, кој оди напред? Или поголемиот дел од нашите студенти и професори ќе останат во светот на бајките, каде што Мики Маус е главен во научен труд од хирургија, право или хемија? Тогаш нема да се знае што е брука, а што наука.
Антонио СПАСЕВ http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=80E1BD4F66E0A444A31DB954863B7D7C