Првото издание на Кратовските златни денови ќе се одржува од 20 до 22 jуни, а со ова Кратово ќе се обиде да ја започне културната ренесанса со што би почнале да ги враќаат туристите назад во градот со големо историско значење.
- Голема чест и задоволство е да ви ги најавам Златните денови на Картово кои ќе се случуваат од 20 до 22 јуни за првпат, но се надевам дека оваа манифестација ќе стане традиција. Кратово е градот на кулите и мостовите, односно град музеј и навистина има што да покаже. Во следните два месеци, односно јуни и јули, во рамките на Кратовското културно лето ќе се одржат безброј манифестации, а јас и целиот тим на Општина Кратово ќе се потрудиме да понудиме содржини за сечиј вкус и за сите генерации – изјави градоначалникот на Кратово Мите Андоновски.
Фестивалот ќе се одржува на различни локации низ градот. Првиот фестивалски ден е резервиран за забавни изведувачи. Како главни ѕвезди на вечерта се најавуваат дел од финалистите на „Икс-фактор“, а покрај нив ќе настапат и Тајфата и Љубојна. По завршувањето на музичката програма на главната сцена пред Општинската зграда, забавата се сели на отворениот базен во Кратово каде ќе настапат диџеите Бабура, Боби и Бранчез.
Фестивалот на 21 јуни продолжува со Европското првенство во тамбури, а по него ќе се одржи настапот на составот „Оџила“ од Србија, додека пак во сабота вечер на отворениот базен свој настап ќе има диџеј Шорти.
22 јуни е ден предвиден за најмладите, со забавни содржини кои ќе бидат главно наменети за оваа возрасна категорија.
Фестивалот е замислен и како своевидна промоција на убавините на Кратово, па за таа цел ќе бидат организирани интересни дополнителни активности за сите посетители почнувајќи од посета на локалитети, се до одржување на концерти на специфични локации во пријатен амбиент.
Како одлични домаќини, Кратовчани со нетрпение ги очекуваат Златните Денови 2014. За самиот град, ова ќе биде настан кој дополнително ќе го раздвижи градот, а со тоа и можност за сите посетители покрај природните убавини на градот, да ги запознаат и традициите и обичаите на овој дел од Македонија.