Новите начини за комуникација им овозможија на луѓето да работат поефикасно, да учат успешно, да добиваат брз пристап до сите информации и забава, кои порано беа само сон, пишува Нова Македонија.
Сепак, има и друга страна. Интернет и мобилните уреди, од кои сопствениците практично не се разделуваат, водат до појава на модерни болести и психолошки проблеми, кои до неодамна медицината не ги препознаваше. Сега веќе никој не може да го негира нивното постоење. Тие се карактеризираат со различен степен на деструктивно влијание врз човечката психа.
ФАНТОМСКО ЅВОНЕЊЕ
Синдромот на фантомско ѕвонење е една од овие психолошки состојби, среќавани релативно често кај корисниците на мобилни телефони. Симптомите на оваа состојба се сведуваат на појава на аудитивни и моторни халуцинации, различни по фреквенција. Човекот останува со впечаток дека телефонот во џеб му ѕвони или вибрира, но ѕвонење всушност нема.
Формирањето на овој тип психичко растројство, се разбира, се поврзува со премногу честата употреба на мобилниот телефон, а неговата појава, според стручњаците, се зголемува во периоди на стрес. Други, пак, ја објаснуваат појавата со електричната активност на мобилните апарати. Според австралиските научници, на пример, електричните сигнали предизвикуваат чувство за вибрација, бидејќи ги активираат периферните нерви. Според нив, чувството дека нешто вибрира во нашиот џеб не е плод на имагинацијата, туку биолошки процес. Но дури и целосно здрав човек може да се излаже дека телефонот му ѕвони. Загрижувачко е кога тоа ќе почне да станува секојдневие.
Друго познато модерно нарушување поврзано со мобилните телефони е т.н. номофобија. Овој термин е скратеница на англискиот израз „no mobile fobia“ - страв да не останеш без мобилен телефон. Всушност, едвај има корисник на мобилен телефон што во еден или друг момент да не почувствувал сличен страв при целосно трошење на батеријата - кај некои има форма на мала загриженост, а кај други се претвора во вистинска паника.
Човечката реакција на мобилниот телефон може да биде и радикално спротивна. Ова ментално растројство исто си има официјално име - киберболест. Оваа состојба се карактеризира со појава на вртоглавица, дезориентација, главоболка или гадење при интеракција со одредени електронски уреди. Терминот е измислен уште во 90-тите години на минатиот век, кога се појавиле првите уреди за виртуелна реалност. Релативно чести манифестации на болеста се забележени и по надградбата на ајОС до најновата верзија, кога некои сопственици на ајфон исто така се жалат на гадење и непријатност - нешто што специјалистите го објаснуваат со т.н. паралакс-ефект.
Веќе постојат многу истражувања, кои докажуваат недвосмислено дека од киберболест страдаат најмногу луѓето што поминуваат голем дел од своето време во виртуелниот простор, без разлика дали станува збор за гледање 3Д-филмови или за интеракција со екрани на таблети и телефони со висока резолуција.
ФЕЈСБУК-ДЕПРЕСИЈА
Болести предизвикуваат и социјалните мрежи, а најзастапена е фејсбук-депресијата. Болеста се манифестира со паѓање во состојба на депресија при комуникација со контактите на социјалната мрежа или обратно - во отсуство на комуникација. Докажано е, на пример, дека колку повеќе време луѓето поминуваат на социјалната мрежа, толку полошо е нивното расположение како целина и нивниот став кон животот. Според експертите, ова е поврзано со фактот што луѓето на социјалните мрежи објавуваат само фотографии и вести за себе, кои ги презентираат во поволна светлина. Како резултат на тоа, многу други луѓе остануваат со впечаток дека нивните познаници и пријатели живеат подобро, позабавно и поцелосно од нив. А тоа лесно може да доведе до трајно чувство за неуспех и фрустрација.
Ако, пак, го зголемиме фокусот и го преместиме од социјалните мрежи на Интернет како целина, ќе се судриме со друго растројство - т.н. интернет-зависност. Тоа е болната и постојана желба да имате непрекината врска со мрежата, што се одразува негативно на другите сфери од животот (приватноста или работата) - до нивно целосно исклучување во особено тешки форми на зависност. Сличен проблем е зависноста од онлајн-игрите, позната и подеструктивна болест. Не се ретки случаите кога играта буквално го вовлекува човекот во виртуелниот свет и го одвојува од реалноста до таква мера што тој ги губи работата, семејството, а понекогаш - и животот.
ИЗВОР http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=461594641&;id=51&prilog=0&setIzdanie=23438
Докажано најзастапена болест, која ги поразува практично сите што имаат пристап до Интернет, без оглед на пол и возраст, е т.н. Гугл-ефект. Се изразува во трендот човек брзо да заборава информации што лесно може да се најдат во мрежата со едноставно пребарување по клучен збор во популарниот пребарувач. Човек совладан од Гугл-ефектот е убеден дека нема потреба од учење и знаење, бидејќи секоја информација се наоѓа на само неколку клика.