Иако со поразот од 0-7 во Кратово го завршија настапот во 1/16 финалето од националниот Куп, фудбалерите на третолигашот Братство Влазними, како и нивните 50-тина навивачи пријатно ги изненадија кратовци. Во манирот на јапонските репрезентативци од нивниот настап на Мундијалот во Русија, фудбалерите од Средно Коњаре (село меѓу Скопје и Куманово), по завршувањето на мечот ја „изгланцаа“ соблекувалната на Силекс, го собраа отпадот во кеси и на ливче хартија напишаа „Благодариме за гостопримството“.
Да не бидат покусо, и нивните навивачи, кои изразија голема лојалност и верност кон клубот, на трибините навиваа фер и коректно, без погрдни скандирања на кои сме навикнати кога прволигашки навивачки групи гостуваат во Кратово. И тие ги собраа пластичните чаши и шишиња, ги изнесоа надвор од трибините и демонстрираа навивачка култура.


















