Овој прекрасен документарен филм под наслов „Гејша“ се создаде далечната 2007 година на часовите по проектната активност по Урбана култура во кратовската гимназија. Тогашната суперталентирана матурантка Моника Мијалкова ме запраша дали може да направи самостоен проект посветен на културата на живеење на јапонските гејши. Реков „да“ и не згрешив бидејќи Моника направи мало уметничко ремек-дело, на кое случајно се сетив деновиве, го пребарав и го најдов во домашната ЦД-тека. Преку порталот www.aberdzija.com можете да го погледате и преку меланхоличниот глас на авторката да дознаете нешто повеќе за гејшите.
Во многу култури своевремено постоела класа на жени кои немале обврска да се мажат, туку да им прават друштво на „моќните“ мажи, забавувајќи ги со најразлични вештини. Тие жени биле многу убави, образувани, најчесто талентирани за некоја уметност и пред се слободни да го избираат својот партнер. Во стара Грција таквите жени ги нарекувале Хетере, а во Јапонија Гејши. Денеска поимот Гејша најчесто се поврзува со давање на сексуални услуги. Ова толкување е во голема мера погрешно. Жените кои се занимавале со оваа вештина на професионални забавувачки, уживале одредени привилегии и најверојатно со тоа предизвикале љубомора кај дел од друштвото, или пак другите „исправни“ жени ги сметале за проститутки. За да се стане гејша, услов не бил само да бидат широко образувани и елоквентни, туку и вештина за пеење, свирење на повеќе инструменти (шамисен,тузуми) и изведба на традиционални танци. За да се здобијат со споменатите вештини, девојчињата во Јапонија уште како мали биле одведувани во таканаречени маико училишта, каде што се школувале многу години за на крај само неколку од нив да станат вистински гејши.
Гејшите живееле во дел од градот кој се нарекувал „Кварт за забава“, се разбира за забава на мажите. Помеѓу Гејшите постоела и издвоена класа Оиран. Тие билe слични на Гејшите но имале префинети манири и имале право да одбијат маж ако сметаат дека не е доволно отмен и културен. За разлика од нив, Гејшите го уживале правото слободно да се движат и биле високо ценети заради нивните вештини на заведување и задоволување. Називoт Гејша потекнува од зборовите “геј“ што значи изведба и “ша“ што значи личност. пишува - проф.Оливер Арсовски