gogo

A+ R A-


Хумана крушевчанка покрај своите, одгледала две деца со Даунов синдром

alt

Првпат кога ми ја покажаа Сара, не ја зедов. Не одеше добро, се тетеравеше, а јазикот ~ беше постојано исплазен. Но, потоа плачев по неа. По неколку дена луѓето од социјално ми ја донесоа.

Првата ноќ никогаш нема да ја заборавам. Многу бев збунета, бдеев врз неа цела ноќ. Си велев, мало дете е, само, напуштено од мајката. Оттогаш, ја чувам веќе шест години и многу ја засакав. Сега веќе има 13 години и ни донесе многу радост. Додека таа растеше еден ден отидов во крушевскиот Центар за социјални работи и им кажав: „Сакам да чувам уште едно дете со Даунов синдром“..., вели педесетгодишната Зоица Христоска, крушевчанка, која речиси секој во градот ја знае по нејзината голема хуманост.

Ја знаат како жена што веќе со години својот семеен дом го претворила во топла прегратка и засолниште за две деца што биле напуштени од своите родители затоа што биле родени со овој тежок синдром. Освен Сара, таа го чува и малиот Благоја, кој тогаш имал само две години и кој откако е во нејзиниот дом покажува голем напредок. И двете деца биле напуштени кога родители дознале дека се родени со Даунов синдром. Потоа биле сместени во Домот во Битола, каде што хуманата крушевчанка и првпат се сретнала со нив. За Сара досега никој не прашал, ниту се интересирал, а Благоја одвреме-навреме го посетува неговата родена баба. Зоица, која сега нагалено Сара ја вика Цаци, вели дека се чувствува како мајка, ги гледа и ги сака како свои.

- Можеби не сум најдобрата мајка на светот, но имам најсреќни деца, на кои сакам да им дадам поубав живот - ни вели Зоица, која веќе ги пораснала своите две деца добиени во бракот со својот сопруг.

Ми се стегна срцето

Деновиве, кога низ тесните стрмни крушевски улици почнавме да го бараме живеалиштето на ова топло семејство, немавме многу проблеми. Kрушевчани веднаш знаеја за кого се работи.

- Многу добра жена е. Изгледа две деца со посебни потреби и успеа да го разбие срамот кај крушевчани за овие работи. Во Kрушево со децении не се родило дете со посебни потреби, па на околината ~ беше чудно што една жена, покрај своите две здрави-прави деца, чува деца што не се добри со здравјето. Но, по нејзините две деца, во Kрушево свој дом најдоа уште околу 35 деца - ни рече една сосетката.

Подоцна, во големата двокатна бела куќа, со автентична крушевска градба, н` пречека мајка Зоица, домаќински, со трпеза полна крушевски специјалитети. Со насмевка на лицето веднаш почна да зборува за себе и за своите деца. Вели, с` почнало кога една вечер на телевизија гледала емисија во која се зборувало за животот на напуштените деца по домовите за сираци.

- Ми се стегна срцето. Се исплакав и донесов одлука, сакам да му помогнам на некое несреќно дете од дом. Моите две веќе се големи, а јас имам доволно слободно време, зошто да не помогнам - ни објаснуваше таа.

Зоица се сеќава дека луѓето од Центарот се изненадиле од нејзината желба.

- Ме прашаа зошто сакам, што ми текнало? Јас бев многу искрена и им кажав дека мажот ми имаше приватен бизнис, беше касап, имаме убава голема куќа, средена. Моите деца ги изведов на пат. И сега сакам да им помогнам на децата што останале без родителска грижа -вели хуманата крушевчанка.

Од социјалните служби наскоро ја повикале и ја известиле дека имаат за неа дете, но и оти е со посебни потреби.

- Малку се уплашив, не знаев ништо за дете со посебни потреби. Но, по разговорот дома се охрабрив, и отидов во домот во Битола да ја земам Сара. По две години, ме повикаа и го зедов Благоја - раскажува Зоица.

Само баба понекогаш доаѓа
Додека седиме пред полната трпеза, Сара н` гушкаше сите по ред и бараше по мобилните телефони игри или „опа-опа“ музика за танцување. Благоја е многу срамежлив и не сака сликање, но затоа Сара за само неколку секунди веќе беше главна ѕвезда на домот. Мајка Зоица ни вели дека тоа особено ја усреќува:

- Kога ја гледам како танцува и се смее, сакам да земам уште едно дете. Да му помогнам. За потеклото на Сара речиси ништо не знаеме, само дека потекнува од еден град од внатрешноста, а на Благоја му го знаеме семејството. Баба понекогаш доаѓа да го посети. Во една пригода дојде и мајка му. Велат многу тешко ~ паднало тоа што го оставила во Дом, од стрес и болка дури се вкочанила. Никого не осудувам, секој има свои причини за некои постапки. Можеби за родителите нивната состојба била многу болна, но мене Благоја и Сара ми донесоа радост, домот ни е весел. Сите се грижиме за нив. Од две мали болежливи деца, направив деца за пример.

Малиот Благојче инаку тешко зборува и е многу врзан за Сара. А Сара отворено ја искажува својата љубов кон сите.

- Поради проблеми со говорот, сите имаме нови имиња по дома. Мажот ми го вика Чучу, сега цело Kрушево така во вика. Растат меѓу луѓето, цел град веќе ја знае Сара, оти таа ги кани дома на кафе. Иако е со Даунов синдром, таа е тинејџерка, па сега многу често со мојата ќерка избира во кое кафуле ќе седнат на кафе. Се разбира, не пие кафе, но си нарачува какао. Благоја не сака да се слика, но затоа Сара не престанува да позира. Ги носам и во црква - вели Зоица.

Се наближуваше и времето за ручек. Секој ден сите членови на оваа семејство се собираат за да бидат заедно, да зборуваат и подоцна да си поиграат игра во која уживаат Сара и Благоја. Така е секој ден.

Благоја тагувал многу
- Благоја денес има 9 години, а кога го зедов беше во постела. Нозете му беа вкрстени, не одеше и не стоеше, имаше две години. Беше многу слаб и истрошен. Изгледа тагувал многу. Некои ми викаа не земај го! Види колку е болно, ќе ти умре. Но, јас го зедов и реков ќе се обидам и него да го подигнам. И еве го сега мажиште, оди во дневен центар, спие, јаде, се смее, среќен е. Тешко зборува, но ние го разбираме неговиот јазик - вели Зоица.

http://www.dnevnik.mk/?itemID=F74B4ABE950E1248A5F5D204B8108C9C&;arc=1

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.