Осум до девет килограми жито се потребни за да добиете еден килограм месо. Од друга страна, од девет килограми пченка или јачмен може да се направат 80 оброци здрава храна. Оваа математика ја изнесува Славко Црниќ, основач на клуб за здрава храна во Бања Лука. Тој е во шестата деценија и не само што е вегетаријанец, туку јаде исклучиво сурова храна. Тоа го прави 40 години. Смета дека најголемиот проблем на денешниот свет потекнува од стравот на луѓето да не останат гладни.
- Тоа нема да се случи, само излезете од дома. Барем кај нас на Балканот с` уште има храна во природата. Има толку билки за јадење кои истовремено се и лековити, а луѓето не ги препознаваат. Наместо тоа, одат во аптека и купуваат препарати на база на истите тие билки - истакнува тој.
Црниќ е магистер по економија и директор на Институтот за примена на природни материјали во земјоделството и исхраната „Винис“ во Бања Лука.
Тој вели дека никој уште не успеал да изеде сурова храна за повеќе од 150 денари одеднаш.
- Ретко јадам повеќе од 60 денари дневно, а луѓето никогаш не би биле гладни кога би знаеле повеќе за здравата храна – вели тој.
Во таа насока, тој наведува дека луѓето трошат 80 пати повеќе храна од што е потребно и не се согласува дека здравата храна е прескапа и недостапна за обичните луѓе.
- С` е во природата и околу нас. Веќе 40 години со мал прекин поради војната консумирам само билна храна, а кога човекот од почеток или најдоцна до 20-тата година би почнал да јаде сурова храна, би можел да проживее од 150 до 200 години – истакнува Славко.
Тој открива дека човечкиот организам може да добие дури 1.500 калории само со просто дишење, пиење вода и престој на сонце.
- С` што се задржува во телото повеќе од 20 часа не е добро, а проблемот кај нас е и во тоа што слабо пиеме вода што го чисти организмот. Треба да се знае дека сокот не е замена за вода, ни млекото, ама корисно е во сирења од неварено млеко, кефир, јогурт, кисело млеко. Храната што се пече на температура над 42 степена станува мртва – категоричен е тој.
Црниќ е автор на книгата „Лекување со храна“ во која има повеќе од 2.000 рецепти за здрава храна. За исхраната со сурова храна вели дека од човекот бара физичка активност и го олеснува одвикнувањето од алкохол и цигари. Ја поттикнува креативната работа, ги подобрува концентрацијата и вниманието. Тој советува истовремено да се комбинираат овошје и зеленчук, но да се прави пауза од четири-пет часа бидејќи овошјето ферментира и создава надуеност, мачнина и слично. Шеќерот и слатките се непотребни бидејќи сето тоа го добиваме од овошјето.