Хипокризијата на нашето време
Како што и самиот збор хипокризија кажува, денес сите лицемерно ги застапуваме ставовите, вредностите и верувањата во кои и самите не веруваме.
Каде и да се свртиме, секој, секаде, за секого, се знае... Со кого, каде, кого, колку, зошто... Сите родени новинари! Кога сме веќе кај “новинарството” меѓу народнава маса, некогаш ми доаѓа да си ја прашам комшика ми кога последен пат сме се караме дома во семејството, за да си направам пресметка колку пати во неделата се расправаме. Во краен случај, ако бил отворен прозорецот, може да ме потсети и на причината за кавгата, а ако има добра меморија секако дека ќе знае да ми каже и по некој сочен пцост кој бил употребен.
Сите сме морални, чесни и со високи вредности. Не озборуваме (ни под разно), не сме злонамерни
и лоши, а коментираме веднаш штом видиме дека некоја девојка ја носи истата маичка по трети пат летово. И тоа со толкава сласт и задоволство. Со истата таа сласт и задоволство (ако не и поголема) го споделуваме трачот дека другарката на женската на другар ми ова лето се смувала со два типа од кои со едниот била два пати подолго отколку со другиот. Секако неизбежен е заклучокот, сто посто имале секс. Вака паметејќи ги сите овие факти, ова е скоро цела лекција по историја. Земајќи во предвид дека ваквиот тип на факти, за најмалку десетина девојки од градот ги знае секој втор средношколец, по силата на нештата следи дека горенаведеното знаење е еквивалентно на скоро цела тема по историја зададена за едно повторување. Ама на тоа повторување најголем дел од средношколците или ќе избегаат од часот или ќе молчат. Логично, за нив сега е побитно колку часови поминале пред компјутер седејќи на фејсбук отколку седејќи во училишната клупа учејќи нешто корисно. Би требало да се запрашаме во каква иднина влегуваме, ако воопшто влегуваме! Како што одат работите, би имале иднина во која сите би знаеле се за туѓите животи, притоа немајќи време да го запознаеме својот. И сето тоа благодарение на фејсбук. Веќе нема потреба од озборување, што те интересира на фејсбук ќе си видиш. Кога убаво ќе размислиме, фејсбук е еволуирана форма на трачарење. Го имаш во секое време, кога сакаш. Кажано со зборовите на мама Хајрие: “Ај Господе на арно нека е (ама не верувам дека ќе е), онаа малата пак има нов дечко, вчера видов на фејсбук. Три пати му пишала дека го сака, а ни еднаш не му кажала дека и недостига.” На пример тука недостига фактот дали во постовите кои ги постирала малата ставила срциња или не?
Ако случајно на овој фејсбуков постираш песна од Мадона или Шерон најверојатно си педер, а ако некаде стане муабет дека имаш дома цел албум, најверојатно сте цела машка лоза од фамилијата педери. Со фејсбук секако не треба да ја заборавиме и малата генерација. Машките веќе не купуваат колички за да ги возат во песокот, туку на фејсбук си играат Crazy Taxi, а девојчињата веќе не ги хранат и преоблекуваат своите барбики, туку мачето на Pet Society. Родителите пак со изговорот, леле види го моето дете го барати компјутерот како никој.
Без конкуренција најатрактивни на фејсбук се пубертетлиите, со посебен акцент на женскиот пол. Па така следуваат слики со розевиот сјај во бањата пред огледалото, па потоа со црвениот, па од десно, па од лево, па од горе...После стотина слики, време е за сликање со новата маичка, исто во бањата, па во дневната, па до правосмукалката, па до фрижидерот. А ако е некоја доволно креативна има и по некоја слика во дворот пред трендафилите или внатре на новиот тепих, секако во лежечка позиција. Да не пишувам за се она што излегува на почетната страна од фејсбук зошто ќе ми треба неколку дена за да напишам се што мислам и се што сакам да кажам. Само не ми е јасно каде се родителите за сето ова време? Зарем не се запрашуваат што прават нивните деца пред тој компјутер? Зарем не одат на родителски средби за да го следат напредокот во образованието на нивните деца?
Секако ова мое излагање за хипокризијата во нашето време не би било комплетно, ако не споделам еден интересен дијалог.
Разговараат две средновечни дами на улица, доволно далеку од мене за да не ги слушнам за што зборуваат, ама искуството ме учи дека најверојатно пред да се каже (ако се каже) дневниот поздрав, се прашува каде тргна, потоа зошто тргна, па потоа се споделува некој трач. Тие веќе на крајот од разговорот, јас се приближувам, слушам и разговорот тече: “Леле какво време е, се нема ниту пари ниту работа, не знам што ќе правиме, за леб ќе умреме!”
На истата таа госпоѓа што го вели тоа, синот има бугарски пасош и веќе смени две коли за една година. Не дека ме интересира ама нападен е дечкото возејќи се по десетина пати на ден низ центарот на градот со отворен прозорец и “до даска” пуштена музика. Ако излегува од колата вратата задолжително останува отворена за да песната од Саша Матич и стихот: “дај ми пушку у руку” се слушне доволно добро. Сигурно сака да каже дека во колата може и ЦД да се стави. До истиот тој дечко во дискотека до неговата маса е опасно да се стои. Скоро секогаш се опива, на крајот ги крши флашите од подот, а ако не внимаваш може и главата да ти биде скршена. Кога поминува до тебе се трие како говедо од дрво, а ако се спротивставиш ќе добиеш ќотек, ако не сакаш да се расправаш не си маж, туку си педер и слабак зошто не сакаш да се тепаш. Потоа секако вози пијан накај дома, веќе има две казни за возење под дејство на алкохол, од кои едната не е платена. Знам, сега изгледа дека озборувам и дека сум без никави морални вредности, ама морам да кажам за да ја доловам суштината на една појава со која живееме денес, ХИПОКРИЗИЈАТА НА НАШЕТО ВРЕМЕ! Колку само ми е жал што морам да речам НАШЕТО ВРЕМЕ...