gogo

A+ R A-


Коњите не се веќе на цена, Кина масовно купува магариња

altЖелатинот што се произведува од магарешка кожа е клучна состојка во еден од најпознатите кинески традиционални лекови познат под името еџиао, што се користи за лекување разни здравствени проблеми од настинки до несоници.

Но како што оваа сила во подем се врти од традиционалното земјоделство кон напредната индустрија, така се намалува бројот на магарињата. Државниот завод за статистика покажува дека бројот на магарињата е намален од 11 милиони на шест милиони во последните 20 години. Кина сега сѐ повеќе се фокусира кон Африка за да го зголеми бројот на магарињата, па ги увезува од повеќе држави на континентот. Но развојот на оваа трговија наиде на неколку препреки.

Нигер неодамна стана најновата африканска држава што го забрани извозот на магариња по порастот на продажбата во Кина. Владините служби посочија дека 80.000 животни биле продадени од почетокот на годината, споредено со 27.000 магариња во 2015 година и предупредија дека бројот на магарињата би можел драстично да се намали според актуелните трендови.

Во август, Буркина Фасо презема исти мерки откако за само шест месеци беа заклани 45.000 магариња од вкупно 1,4 милион магариња во земјата. Во двата случаја, вредноста на магарињата драстично се зголеми, а новата индустрија донесе вреден прилив на девизни средства. Но порастот имаше своја цена.
Покрај драстичното намалување на бројот на магарињата, новата индустрија создаде еколошки и економски проблеми. Ширењето на кланиците предизвика негативни реакции. Во селото Балоле во Буркина Фасо, локални земјоделци наводно нападнале и затвориле кланица зашто во локалниот водовод биле испуштени крв и остатоци од магарињата.

Добриот бизнис со магарињата исто така ги привлече сточарите што тргуваат со друг добиток, па овие гранки трпат големи штети и поради инфлацијата.
- Во Нигер и во Буркина Фасо зголемената вредност на магарешките кожа и месо предизвика инфлациски ефекти врз другите сектори. Цената на другите животни се зголеми поради магарињата, а не затоа што имаше зголемување на побарувачката, што предизвика нарушување на економската рамнотежа - вели д-р Емануел Игбиноба.

Земјите-извознички претрпеа штети поради недостигот од регулативи, вели Ерик Оландер, коосновач на Проектот Кина-Африка и домаќин на Кина во Африка.
- Како и со преостанатите стоки, суровини и други природни ресурси, степенот на побарувачка од Кина честопати е толку голем што може нагло да ги исцрпи резервите од кој било ресурс-извор. Владите што тргуваат со Кина имаат обврска кон нивниот народ да ја регулираат трговијата за таа да не ги исцрпи сите ресурси до оној степен што тоа би можело да стане товар за народот - вели тој.

Огромната побарувачка за магариња од Кина, вели Игбиноба, создаде можности од кои извозниците можат да имаат корист со внимателно планирање.
- Има постојана побарувачка за желатинот. Ако африканските држави можат да воведат регулативи, да отворат кланици по високи стандарди и да ги научат луѓето како да ги одгледуваат овие животни, магарињата можат да станав важен извор на приходи - смета тој.

Буркина Фасо најави планови за регулирање на продажбата на магариња, но ќе се судри со конкуренцијата од ривалите на континентот, кои се подготвени да го искористат вакуумот. Големите економии како Кенија и Јужна Африка ги зголемуваат своите капацитети за да одговорат на кинеската побарувачка, а црниот пазар исто така цвета низ континентот. Кинеската побарувачка се очекува да се зголеми со порастот на потрошувачите што сакаат да трошат на луксузни производи како што е желатинот од магарешка кожа. Предизвикот за снабдувачите е да се осигурат дека трговијата ќе биде благослов наместо клетва.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.