Батист Дибанше од градот Тур во Франција протестира против залудното фрлање храна со тоа што го јаде само тоа што луѓето го фрлаат во контејнери, пренесува Дневник. 25-годишниот Французин е еколог со магистратура по предметот одржлив развој. Тој со велосипед помина речиси 5.000 километри од Париз до Варшава обиколувајќи повеќе земји и на патувањето консумира храна што локалните супермаркети, ресторани и пекарници ја фрлаат. Идејата за проектот му дошла откако ги посетил Kолумбија, Југоисточна Азија и Тахити, а големата сиромаштија во тој регион имала огромно влијание врз него.
- Бев богат во многу сиромашни земји и ми падна жал за овие луѓе. Тие немаат избор, ниту избрале да бидат сиромашни, па решив да направам нешто за да посочам кон огромните количини храна што се фрлаат секојдневно - вели тој.
Неговата мисија се совпаѓа со Европската година против залудното фрлање храна востановена од Европскиот парламент.
Kупува само вода
Предизвикот на Батист почнал на 15 април. Со велосипедот вози најмалку 60 километри дневно минувајќи низ повеќе градови во Европа. Досега ги поминал Луксембург, Белгија, Холандија, Чешка и Германија. Само во Германија бил во Дизелдорф, Франкфурт, Нирнберг, Берлин и во Kелн. Претпоставува дека ќе стигне во Варшава за две недели. Откако ќе пристигне во некој град се сместува кај домаќини кај кои не плаќа сместување, преку порталот couchsurfing.org, и веднаш почнува со потрага по храна. Ги обиколува локалните продавници и ресторани за да провери дали можат да му дадат храна што инаку би ја фрлиле. Не му е важно каква храна ќе биде тоа.
- Морам да најдам храна што побрзо бидејќи се изморувам вртејќи со педалите и ми треба енергија. Не ми е важно што јадам, туку дали стомакот ми е полн или празен. Никогаш не плаќам за храна, купувам само вода – додава тој.
Иако неговиот протест е екстремен, Батист вели дека тоа е единствениот начин да го сврти вниманието кон проблемот.
Најтешко во Чешка, најлесно во Берлин
аНеговиот успех да се прехрани варира од град во град и додава дека во просек едно од десет места му излегуваат во пресрет. Некои претпријатија имаат строга политика да не даваат бесплатна храна, бидејќи тоа би можело да влијае на нивниот профит. Ним им приоѓа со знаци напишани на локалниот јазик објаснувајќи го проектот. Но, тоа не функционира секогаш.
- Некои луѓе ризикуваат да бидат отпуштени со тоа што ќе ми помогнат – дополнува Батист.
Најмногу проблеми да добие храна имал во градот Плзењ во Чешка, каде што безуспешно обиколил 50 локали. Најпосле една пекарница му дала леб за пет дена.
- Чешка беше најтешка. Луѓето едноставно не го разбраа концептот. Собирањето на ѓубрето ги асоцира на бездомници - рече тој.
Од друга страна, во Берлин поминал најлесно, а Дизелдорф бил најтежок во Германија.
Во градовите ги посетува и училиштата, каде што држи предавања за да ја подигне свеста за проблемот со фрлањето храна и влијанието на околината.
- Им објаснувам како необновливите ресорси што ги користиме секојдневно еден ден ќе пресушат. Увезуваме толку многу храна, на пример ориз, што ги зголемува цените во сиромашните земји и потоа фрламе голем дел од неа – објаснува Французинот.
Тој ги подучува децата и за тоа колку енергија е потребна за само една чинија храна и оти западните земји фрлајќи храна влијаат врз земјите во развој.
Неговата порака е едноставна: „Помалку е повеќе. Ако произведуваме помалку, повеќе ќе ја цениме храната“.