gogo

A+ R A-


Маријан - човекот што побегна од метропола за да живее во дивина

Никој никогаш не одговорил на прашањето што се прекрши кај Маријан Toмовиќ што удобниот живот во својата куќа во Сараево ја заменил со самотничко битисување во дивината на планините, далеку од цивилизацијата и од сите благодати што таа ги носи.

alt

Новинарите го затекнале во селото Трешњевац кај општината Хан Пиесак во Република Српска како делка дрво за да ја убие досадата и да го скрати едноличното секојдневие. Иако меѓу столетните стебла на ели и оморики маршираат минуси, а северниот ветер ја леди крвта во жилите, во куќарката на Маријан не пламти оган во печката.

- Има 20 години како заминав од Сараево и дојдов во оваа куќа во која не сум запалил оган за да се згреам. Понекогаш палам за да сварам чај или некое јадење во стариот шпорет - вели пустиножителот, чии сини очи с` уште искрат под накострешените веѓи.

Неговата долга бела коса и замрсената брада се веат на ветрот де натаму де наваму.

Овој 92-годишен човек со чуден изглед живее необичен живот во куќата што ја изградил татко му пред повеќе од 80 години каде што само тој се снаоѓа. Во расфрланите стари и непотребни работи, обвиен во прав и во пајажина на напукнатите ѕидови, од кои паѓа малтерот, се забележува фотографија од неговите родители.

- Оваа торбичка мајка ми ми ја сплете кога отидов во прво одделение. Со неа на рамениците одев на училиште низ густата, непрегледна шума, која беше гордост на нашето семејство, особено на татко ми, а времето на Тито му ја одзеде и никогаш не му ја врати - се сеќава Маријан.

Kога првите волци навечер ќе се огласат на планината, Маријан се качува по дрвените скали во својата спална. Тоа е магацин со стари перници, ќебиња, војнички блузи, излитени кожувчиња и исушени овчи кожи каде што чудакот го поминува поголемиот дел од времето.

- Ни на минус 30, колку што знае да биде во оваа пустелија, никогаш не палам оган навечер, се вовлекувам во оваа моја човечка дупка, ќе се покријам со сите партали преку глава, ќе се загреам, ги слушам северникот како фучи и крикот на некое животно кое станало храна на друго животно и размислувам како живеев некогаш и што с` сум правел - раскажува Маријан.

Од современите апарати има само транзистор за да слушне вести од другата страна на шумата. Од неодамна има и струја, но светилката никогаш не ја вклучува. Пие дождовница, која од изгниената дрвена стреа се слеала во канта.

- Ако човек сака да се соедини со природата, тогаш пие дождовница, јаде корења и печурки, вари треви за да направи чај, бере шумски плодови и се дружи со дивите животни - мудрува Маријан.

Чинот на капење на ритуален начин се случува во старата када покрај куќата и тоа само кога сонцето ќе ја развие природата. Чувал и овци и волови, кое лете-зиме спиеле под омориките. Kога еден бик умрел од старост, ја пуштил мечката да дојде и да го изеде.

- Тоа е сосема природно - вели Маријан.

Луѓето се навикнале на својот сограѓанин, кој е дружељубив и пргав, но и подготвен да се пошегува на своја и на туѓа сметка. Раскажува една анегдота:

- Тргнав еднаш пеш на четириесет дена на комшијата. Помина мојот кум со камион-ладилник. Немаше место во кабината, па ме стави во комората. И така јас се „труцкам“, кога наеднаш, моторот се угаси. Kумот стигнал на поменот, си заседнал на софрата, се напил за душата на покојникот, а по еден час некој рекол: Уште го нема нашиот Маријан... Kумот рипнал како некој да го жигосал, дотрча до ладилникот, кога ме виде... Јас помодрен, со мразулци на косата и на брадата, едвај ме вратија во живот. Да имав пушка, ќе го убиев на место - се смее Маријан.

www.dnevnik.mk

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.