Денеска старутваше екстерното тестирање за учениците од завршна година од гимназиско, стручно или уметничко образование по првиот од двата предвидени предмети.Министерот Спиро Ристовски, на денешната прес-конференција во Министерството за образование и наука, го изрази своето задоволство од непреченото спроведување на екстерното тестирање во сите 96 средни училишта во Македонија и потенцираше дека има исклучителен напредок во реализацијата, затоа што концептот е многу подобрен во функционалноста.
„Лично сметам дека ваквиот начин на екстерно тестирање и целиот овој системски пристап на Министерството за образование, Државниот испитен центар, со исклучителна улога на училиштата и директорите, но пред се на учениците, родителите и целокупната јавност со можноста да го коментираат и оценуваат квалитетот на прашањата, придонесоа да се подобри квалитетот и содржината, така што на крај бенефит од целиот овој процес ќе имаат учениците, наставниците и целиот образовен систем во Република Македонија“ - истакна министерот Ристовски.
Во текот на денешното тестирање немало пријава за технички проблеми во системот, освен неколку со ПИН-конекцијата за ученикот да одговара на тестот, кои се минорни зашто веднаш им бил креиран нов ПИН. Поради проблем со интернетот, почетокот на тестирањето доцнел во училиштата - „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово и „Добри Даскалов“ во Кавадарци, но по половина час и таму процесот се одвивал непречено.
Министерот Ристовски апелираше до директорите на училиштата сериозно да ја сфатат својата улога во процесот екстерно тестирање, затоа што тоа не е одговорност само на Министерството за образование и наука. Денеска полагаа приближно 20.000 ученици, а беа опфатени 2.900 наставници по вкупно 1.524 предмети од гимназиско, стручно и уметничко образование. Без оценка од екстерно тестирање, учениците нема да добијат свидетелство на крајот на учебната година, а оние кои биле отсутни од оправдани причини ќе полагаат дополнително.