gogo

A+ R A-


Моторџии од Италија ја пропатуваа Македонија

altНема подобра промоција за една земја од онаа кога специјализираното списание за мотоциклизам „Motociclismo”ќе ти посвети не една или две страници, туку цели 22 страници. Македонија и нејзините туристички потенцијали беа претставени во јулското издание на ова престижно италијанско списание, кое е меѓу водечките светски магазини од оваа сфера, со месечен тираж од 160 илјади примероци. Интернет страницата има над 1 милион посетители месечно, а фејсбук профилот 270 илјади следбеници. Македонија се најде на насловната страна на магазинот откако седум моторџии минаа седум дена по македонските патишта.
alt-Голема чест е кога еден ваков магазин со реноме ќе ти посвети речиси половина издание, во кое се претставени најпознатите туристички атракции во земјава. Дополнителен бенефит ќе биде видеоматеријалот од оваа моторџиска авантура кој ќе биде презентиран на меѓународниот саем за мотоциклизам во Милано со преку 600 илјади посетители годишно. Видеото ќе се прикажува и на веб каналот на списанието, истакна Стевче Доневски, туристички промотор од Кратово.
„Motociclismo”  ја одбра Македонија за да одбележи 100 години од своето постоење. Вкупно 12 моторџии предводени од директорот на магазинот Федерико Аливерти, направија  тура, возејќи низ Скопје, Маврово, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Берово, Кратово и Куманово. 
alt- Македонија е идеална дестинација за моторџии зашто има убави пејсажи, добри патишта и одлични услови за оф-роуд. Одбележувањето на сто години од излегувањето на магазинот беше повод да ја одбереме токму Македонија како најмистична и најнепозната од сите балкански земји. Објавата на статијата очекуваме да привлече голем број љубители на мотоциклизмот и авантуристи да ја посетат Македонија, да се запознаа со нејзините убавини и традиционалната храна, истакна Аливерти.
altЗа време на еднонеделната мото-тура, италијанските моторџии постојано ја апдејтирале својата фејсбук страница  и нивните постови ги проследиле најмалку 300 илјади луѓе. Притоа реакциите биле исклучително позитивни. 
Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски, мотоциклизмот  ќе и овозможи на Македонија максимална видливост и шанса да достигне илјадници посетители преку јасна порака на  насловната страница. 
-Италијанските туристички агенции се подготвени да ја вклучат Македонија во своите каталози, а по мото турата на Аливерти, ќе биде препорачана програмата за посета на сите македонски градови што тимот моторџии веќе ги посетија, потенцира Џамбазовски.  Оливер Арсовски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.