gogo

A+ R A-


Острошкиот манастир стана втор Ерусалим, река верници се молат за чудо

 

http://tocka.com.mk/images/content/sodrzina/manastirot-ostrog-hristijani-posetenost-sveto-mesto-01.jpgКој било дел од годината да отидете, без разлика дали е празник или делник, во Острошкиот манастир во Црна Гора ќе видите толпа народ, насобрани мажи, жени и деца, едни доаѓаат, а други си заминуваат. Најчесто се слушаат балканските јазици, а доаѓаат луѓе и од подалеку, па дури и од Австралија и Кина. Можат да се сретнат и муслимани, иако се работи за православен храм.

 

Многумина остануваат да преспијат во конаците доколку има место, но најголем е бројот на оние што ја минуваат ноќта во дворот на манастирот замотани во ќебиња под ведро небо. 

 

Екипа на Телеграф помина една вечер кај манастирот. Додека престојувавме таму видовме и стари и млади, како и многу мали деца исполегнати кој каде стигнал на земјата. Дворот беше преполн, па тие што не најдоа таму место, се сместија надвор, по улицата покрај паркираните автомобили.

 

Беше тоа слика на навидум голем број бездомници на едно место. Сепак, реалноста и побудата за ова преспивање на отворено во манастирскиот двор се сосема поинакви. Покриени со ќебиња кои ги дава црквата, луѓето минуваат една ноќ како да се во кожата на оние што немаат свој дом. Низ годините се пренесува верувањето дека тоа се прави за здравје.

 

Острошкиот манастир е вечното почивалиште на владиката Василиј Острошки Чудотворец. Тоа е еден од најпосетените манастири на Балканот. Годишно се полни со повеќе од 100.000 посетители. Се наоѓа на околу 50 километри од Подгорица, 15 километри од Никшиќ, на 900 метри надморска височина, во закрилата на карпестиот предел од планината Острошка Греда.

 

http://religija.mk/wp-content/uploads/2016/10/ostrog-2.jpgНе само поради автентичната местоположба, туку и поради целата историја што ја носи на плеќите, ова место е светилиште за секој човек што сака да верува во исцелителните моќи на св. Василиј.

 

Овој манастир првпат се споменува во XVII век, а зад себе крие низа чуда кои ги привлекува како магнет не само христијаните туку и луѓето од друга вероисповед.

 

Кога се искачувате по кривулестиот пат накај манастирот, по 20-ина минути возење почнува да наѕира една бела силуета. Од далеку тоа изгледа како да е веднаш под облаците и чиниш непристапна за луѓето, но упорните стигнуваат.

 

Доколку сте верник и сакате да бидете дел од оваа религиозна приказна, тоа што треба да го знаете за овој манастир е дека кога одите таму, пред сè не треба никому да се фалите за вашата посета. Таму се оди со чисто срце. Илјадници посетители со голема мака гледаат спас во ова место, а се зборува и за многубројни записи и сведоштва низ годините за тоа дека моќта на светецот, кој е таму упокоен, била да лекува и усреќува тажни судбини.

 

 

Според кажувањата, слепи прогледале, неподвижни прооделе, болни од најтешки болести се излекувале и неплодни добиле деца откако стапнале и се помолиле пред моштите на св. Василиј Острошки, кои не се закопани, туку се чуваат покриени во отворен ковчег. Оној што сака може и да ги допре.

 

 

Светецот, роден како Стојан Јовановиќ во 1610 година во Херцеговина, уште како дете храната ја делел со сиромашните и беспомошните. За време на владеењето на Турците во нивниот крај,неговите родители од страв да не им го одземат единецот, на 11 години го испратиле во манастир. Брзо ѝ се посветил на религијата, а за неколку години го добил и монашкото име Василиј, по кое останува запаметен во историјата.

 

Откако бил преместен во манастирот посветен на црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ на Острог, Василиј таму останал до крајот на својот живот.

 

 

Поделен на долен и горен манастир, во овој црковен комплекс се минува еден невообичаен ден полн со неверојатна приказна. Со автобус се стигнува само до долниот манастир, а оттаму по шумската патека нагоре по боцкавите и лизгави камења се оди пеш околу половина час.

 

Многумина овој пат одбираат да го одат боси, како што впрочем порано оделе монасите кои се криеле токму во овој манастир. Тогаш тие по козјата патека стигнувале до малото пештерско манастирче каде што преспивале и се молеле.

 

Таму горе се наоѓаат две мали цркви, горна црква посветена на Чесниот и животворен крст, каде што свети Василиј ги поминал последните години од својот живот, во пост и молитва, а долната црква е посветена на Воведение на Пресвета Богородица.

 

До денес овој манастир е повеќепати оштетуван, од пожар, а има траги и од Втората светска војна. Во комплексот сè уште стои и неексплодирана италијанска бомба од последната светска војна. Меѓу генерациите веќе години наназад се пренесува верувањето дека моќта на Василиј не дозволила да се направи тоа зло и покрај тоа што тогаш не бил жив. Впрочем и сите чуда што му се припишуваат на овој светец се случиле по неговата смрт.

 

Едно од чудата за кои се прераскажува во ова светилиште е тоа дека Василиј откако починал, на местото од карпите израснала лозница. Без некој да ја наводнува и одгледува таа стои и ден-денес, а оние што немаат деца одат да се помолат на тоа место. Илјадници приказни на двојки од година на година раскажуваат дека по посетата на ова место добиле свој наследник.

 

Најголемото чудо доаѓа по смртта на Василиј. Тој бил закопан во дворот на манастирот, но по седум години на еден игумен му се сонило да биде откопан. Го извадиле телото на Василиј и сите биле изненадени од тоа што телото не било распаднато и мирисало на восок.

 

Оттогаш моштите се пренесени во долната црква „Воведение на Пресвета Богородица“, потоа се покриени со черга и се сместени во отворен ковчег над кој верниците можат да се поклонат и да му се помолат на чудотворецот.

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.