gogo

A+ R A-


Пауловнија - брзорастечко дрво кое може да ве збогати за неколку години

Изработка на мебел, чамци, дрвени куќи, штици за сурфање или музички инструменти, се само некои од производите за кои се користи брзорастечкото мазно дрвото без јазли. По потекло од Kина, пауловнија с` повеќе почнува да се одомаќинува и во Македонија. Насади со чудно дрво со високи стебла и со огромни листови во облик на срце веќе може да се видат во Струмица, Прилеп, Штип, Јегуновце, Радовиш, Гевгелија, Градско, Неготино и во Скопје. На излезот од Струмица кон Штип на нива веднаш до патот со површина од 4 хектари се наоѓа насадот на Данаил Паланков. По само две години дрвцата израснаа на височина од пет метри. Ќе бидат потребни уште три години да почека нивниот сопственик за да израснат во височина од осум метри со широчина во основата од 30 до 50 сантиметри. И тогаш ќе го добие ќарот, кој, според пресметките на Паланков, но и на другите што почнаа да го одгледуваат ова дрво, треба да биде исклучителен.

Иако во Македонија с` уште нема некој што организирано врши откуп на пауловнија, сепак, тие велат дека денес во ерата на електронските комуникации е лесно, преку интернет може да се организира продажба. На страниците на познатата интернет-страница „Алибаба“, панели добиени од ова дрво се продаваат за цена од 300 до 500 долари за кубик. Пресметките, пак, на нашите одгледувачи зборуваат дека од една садница се добива кубен метар дрво, односно на еден хектар во просек може да се посадат 800 садници за кои инвестицијата е околу 5.000 евра, по 2.500 евра за садници и уште толку за другите трошоци, орање на земја

та, прихранување, наводнување и слично.

alt

- Од 800 садници ќе се добијат 800 кубни метри дрво.

И да не се продаде по максимална цена за што се продава на светските пазари, односно да се земат 100 евра од кубик излегува дека ќе се добијат 80.000 евра. Kога од тоа ќе се одбие инвестицијата, заработката е повеќе од добра. Па дури и да не може да се извезе, туку да се продаде како огревно дрво, кое моментално има цена приближно 50 евра, пак се доаѓа до заработка од 40.000 евра. Во случај да се одгледува за огревно дрво, заработката доаѓа по третата година и во тој случај на еден хектар се садат по 3.000 садници бидејќи се бара густ склоп - вели Паланков, кој од оранжериско производство се преориентира на одгледување на кинеското брзорастечко дрво, на кое му годи македонската клима.

Тој с` уште има пластеници, но денес многу помалку бидејќи наместо пиперки и домати, сега одгледува дрва.

- Во 2008 година бев пред банкрот. Со цената на дрвата и на нафтата потребни за загревање на пластениците и со тогашната цена на доматите немав никаков ќар. Не можев да ги враќам кредитите и решив да почнам да произведувам нешто друго. Се заинтересирав за одгледување цреши под пластеници и во еден расадник во Грција каде што се интересирав за вакво производство сопственикот ме разубедуваше да се откажам од црешите бидејќи тоа бара голема инвестиција и ми посочи друг бизнис, да садам пауловнија. Тогаш не обрнав внимание, но кога дојдов дента, со намера да нарачам цреши, се изненадив кога го видов дрвцето, беше огромно. Се информирав за него преку интернет и решив да го садам во Струмица. Продадов дел од оранжериите, а дел задржав, ги вратив кредитите во банките и сега имам расадник и сето тоа заедно е на површина од 11 хектари. Наскоро ќе ги проширам и ќе имам околу 13 хектари со 15.000 садници - објаснува Паланков.

Тој првите садници ги увезол од Бугарија, но сега од таму увезува само ин витро-садници, кои во неговиот расадник се одгледуваат до висина од три метри и дури потоа се продаваат како едногодишни садници бидејќи така е најсигурно дека ќе се фатат.

Одгледувањето на ова дрво најмногу труд бара во првата година кога дрвцата треба да се прихрануваат, да се постави систем за нивно наводнување капка по капка и кога треба да се кратат гранките за да се постигне височината и да не се формираат јазли. Веќе следната година обврските се намалуваат, а понатаму дрвото формира корен, кој самиот зема вода од длабочина од 1 до 1,5 метар. Не му пречат ниски температури и студови, а не сака вишок вода. С` до првата берба за три години ако се користи за огревно дрво или за пет ако има пософистицирани намени. Во секој случај се сече до корен. Но, од таму повторно почнува да расте. И така 70 години колку што му е животниот век.

www.dnevnik.mk

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.