Снег на Пониква падна, но не од небо, туку од специјалните топови што го произведуваат од воден млаз. Од викендов љубителите на скијањето можат да рекреираат во овој зимски центар на Осогово, без оглед на временските прилики.

Посетителите се задоволни од условите што им се нудат.
- Пешки сме иделе, спиевме овде, сега доживеавме после толку години доживеавме да скијаме на вештачки снег, односно кога нема снег да скијаме. Сите да дојдат и да ги видат убавините на Пониква, велат посетителите.
Со финансиска поддршка за опремувањето на зимскиот центар Пониква учествуваше државата преку АД “Мепсо“, но и општините Кочани и Пробиштип.
- Владата има инвестирано околу 1 милион евра, двете општини заедно за сега имаме околу 360 илјади евра, ако споменеме дека уште толку има во приватниот сектор, може да се каже дека има вкупна инвестиција од близу 2 милиони евра во последните две години овде на Пониква, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Двете соседни општини не се задоволуваат со до сега реализираното, туку планираат проширување на понудата на зимскиот центар Пониква.
- Во наредната година планираме да направиме уште три скијачки патеки, односно три жичари, наместо ски лифотви како овие овде, да бидат жичари четириседи, со должина од 1 километар за секоја посебно со што ќе можеме да зборуваме за повисоко ниво на скијачки центар, рече Тони Тоневски, градоначалник на Општина Пробиштип.
Пониква располага со 300 легла за пансионско сместување во неколкуте хотелски објекти. Просечната цена за пансион изнесува 1.200 денари, а дневната карта за скијање чини 800 денари. Освен тоа има и околу 600 легла во приватните викенд куќи, од кои дел се изнајмуваат во договор со сопствениците.