Одеднаш, секојдневие стануваат изгореници, рани од огнено оружје, отворен граден кош, повреди со кои дома никогаш не сме се соочиле. Неколкупати ја напаѓаа базата, а секоја експлозија и тоа како ја почувствувавме. Секое излегување од базата е ризик да бидеме нападнати, раскажува наредник Гоце Георгиевски од Воено-медицинскиот центар, инаку кратовски зет, болничар во два медицински тима на АРМ во Авганистан во 2006 и 2008 година. Тој и докторката Елизабета Наумоска-Петреска, мајор на АРМ, раскажуваат за своите искуства во мисиите.
Тимовите на АРМ во Kабул, составени од лекар, двајца медицински техничари и возач, во 2006 година биле дел од грчка полска болница, а во 2008 година во рамките на чешка болница во базата на аеродромот.
- Работевме во 24-часовни дежурства, а се менувавме со тимови од А3-групата (Јадранска група) од Албанија и од Хрватска. На почетокот се чувствувавме како туѓинци, нови во мултинационална средина, но по кусо време сите функциониравме како едно семејство зашто сите зависиме едни од други – вели Георгиевски.
Во двете ротации, болницата на кабулскиот аеродром имала голема фреквенција на пациенти. Главни корисници на медицинските услуги биле персоналот на ИСАФ и локалните жители вработени во базата. Македонскиот медицински персонал најмногу им се радувал на посетите на припадниците на контингентот на АРМ, кои понекогаш доаѓале на прегледи.
- Убаво е кога ќе чуеш македонски на илјадници километри од дома – вели наредникот.
Задача на македонскиот тим била да ги прими пациентите во болницата, да реагира во ситуации на масовни жртви и да учествува во медицинска евакуација со хеликоптер.
- За евакуација на повредени работевме со италијански хеликоптери и пилоти. Јас не учествував во евакуација, учествуваше вториот македонски тим за евакуација, но имавме вежби со хеликоптерите. Секое полетување од базата беше ризик - вели болничарот.
Медицинскиот тим на АРМ не бил поспокоен ниту во болницата, вели наредникот. Буквално на секое второ дежурство имало или напад на базата, или бомбаш-самоубиец.
Санитетот на АРМ во Kабул лекувал изгореници и рани на сојузнички војници, инфекции на локалното население, но и ранети талибанци. Наредникот раскажува случка од неговата мисија во 2006 година.
- Една ноќ, белгискиот контингент јави дека носи ранети воени заробеници. Пред болницата дојде возило, и излегоа белгиски војници и 4-5 ранети воени заробеници. Едниот беше во несвест, посериозно ранет во стомакот. Белгијците стражареа во приемното одделение, а подоцна останаа и со пациентите што останаа да лежат во болницата. Подоцна дознавме дека сите преживеале - раскажува Георгиевски.
Една од епизодите кои наредникот ги раскажува е и случката кога турски контингент побарал жена-лекар.
- Во Авганистан е вообичаено жените да ги прегледуваат лекари-жени. Во 2008 година имавме една ситуација кога турскиот контингент од базата Доган побара лекар-жена, затоа што тие немале. Се јави нашата лекарка, специјалист по дерматологија, и доброволно отиде во турската база. Турците и беа многу благодарни на докторката, подоцна и врачија и пофалница – вели наредникот, кој своето искуство во мисии во 2010 година Георгиевски го надополнил и со учество во медицински тим на АРМ во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина.
Во мисијата во БиХ двапати учествувала и мајор Елизабета Наумоска-Петреска, лекар од Воено-медицинскиот центар.
- Треба да се доживее чувството да го носиш знамето на ракавот, 24 часа на ден да си под мониторинг, да се избориш за место во тимот кој ќе ја претставува земјата. Покрај униформата и чизмите, да носиш и бел мантил. Добар крај на нашата работа значи спасен човечки живот – вели Наумоска-Петреска. Таа учествувала во две ротации во мисијата Алтеа, од октомври 2009. до мај 2010 година, и истата ротација во 2012-2013 година.
- Ние бевме задолжени за давање примарна здравствена заштита на персоналот на ЕУФОР и вработените во кампот „Бутмир“ во Сараево. Имавме најразлични видови повредени и болни, од акутни до третман на хронични и итни хируршки интервенции, кои ги препраќавме во универзитетската клиника во Kошево во Сараево. Имавме една таква итна ситуација, која поради тимската работа, среќно се заврши – раскажува лекарката.
Таа нагласува дека тимската работа е најважниот сегмент во мисиите и дека тоа и стандардните оперативни процедури, до кои тимовите мора да се придржуваат, спасуваат животи.
- Петнаесет ротации, седум години учество во таа мисија само потврдуваат дека се знае, се може и се сака да се носи со сите предизвици – нагласува лекарката.
Мајор Наумоска-Петреска, сопруга и мајка на две ќерки, вели дека поддршката од семејството ~ била неопходна за да може да учествува во мисиите. Тоа го нагласува и наредникот Георгиевски, татко на една ќерка.
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=2D3F4BDE54F4D347B42D60AD63A2AD61