gogo

A+ R A-


Ресторан „КАНУ“ - гурмански рај во Кратово

altПрвиот впечаток кога ќе го чуете името на гостилницата “кану” е дека станува збор за уште едно неинвентивно име за угостителски локал, но тоа е далеку од вистината. Името го смислил познатиот  лекар радиодијагностичар Душан Јовановски и се пишува со четири големи букви КАНУ, со значење „Кратовска академија на науките и уметностите“. И не е далеку од вистината. Во гостилницата редовни гости се луѓе од секакви профили: универзитетски професори прочуени низ светот, уметници, странски новинари и фоторепортери, активисти на невладини организации и сиот нормален свет.

Ресторанот истовремено е и богат етнолошки музеј во мало. 

alt

Ѕидовите и секое слободно ќоше се исполнети со тематски збирки на пасиониран колекционер: бакарни ѓумови и садови, носии од кратовскиот крај, стари фотографии со кратовски мотиви, колекции од пазарџиски железни ваги, сабји, јатагани и димсикии, стар “застанат” часовник... и, највпечатливото, лустери од расклопен казан за печење ракија. Додека разгледувате што се има, од стар звучник тивко “пеат” Александар Сариевски, Нина Спирова и Кирил Манчевски, а душата дополнително ви ја грее оган од печка на дрва.

Во ваков амбиент најдобро ќе “ви легнат” јадења од македонската кујна и кратовските специјалитети.

Како предјадење земете мешана салата, комбинација од свежо цвекло и моркови, туршија и кисела зелка, а за отворање апетит убаво ќе ви дојде ајвар или лутеница со потпечен леб. Понудата на аперитиви е стандардна, а она што не можете даalt го пробате на друго место е домашната ракија на КАНУ.

Како главно јадење гостилницата нуди разни видови скара, печено месо и тави. Можете да пробате и кратовска пастрмајлија, или, по кратовски пастрмајка - од велешката, штипската и радовишката се разликува по тоа што се прави со чадено месо. Она што не смеете да го пропуштите е тава со праз и свинско месо. Такво нешто ретко се пробува, а за комплетно уживање порачајте домашно вино.

Долго ќе ги памтите вкусовите на јадењата и благоста во очите на домаќините. Заедно со прочуените кратовски мостови и кули, ресторанот „КАНУ“ е доволно голем повод за да го видите овој град. Цените се прифатливи за секого, дури изненадувачки ниски.

Специјалитет на куќата

altКратовска пастрмајка е едно од најпознатите македонски традиционални јадења, а воедно и специјалитет на ресторанот кој го подготвуваме од чадено (пушено) свинско месо, тесто од одбрано македонско брашно, со јајце по избор и задолжително гарнирано со лута феферонка. Спојот на овој кратовски традиционален специјалитет со кратовско црвено вино доведува до вистинско гурманско уживање.

Адреса: ул. Гоце Делчев б.б. - Кратово, до Грофчански мост и Музејот
Резервации: +389 31 482 954
Начин на плаќање: во готово, дебитни и кредитни картички
Пристап за луѓе во количка: одличен; во една рамнина.

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.