На сметките на дел од нотарите кои работат во Македонија, во последните 5 години се слеале повеќе од 90 милиони евра приходи и добивки од над 40 милиони евра, покажуваат податоците од Централниот регистар.
Нотарката, Анета Петровска Алексова, четири години е прва на листата на нотари со најголеми приходи, додека лани се наоѓа на трето место според висината на остварените приходи. Па така, за последните пет години нејзините приходи изнесуваат 2,8 милиони евра, додека пак добивката изнесува 1,2 милиони евра.
Според податоците од Централниот регистар на Македонија во последните пет години на листата на нотари со најголеми приходи најчесто се појавуваат истите имиња.
Исто и нотарката Ана Брашнарска, во сите пет години назад се наоѓа на листата на „Десет нотари со најголеми приходи во последните пет години“. Па така, нејзините вкупни приходи за пет години изнесуваат 2 милиони евра, а нејзината добивка е 1,2 милиони евра.
Потоа нотарката Анастасија Петреска во сите пет последни години се наоѓа на листата топ десет по приходи, нејзините вкупни приходи за пет години изнесуваат 1,9 милиони евра а добивката 1,2 милиони евра.
Потоа и Елена Пенџерковски за пет години има вкупни приходи од 1,4 милиони евра а добивка од 381 илјади евра. Нотарот Зафир Хаџи Зафиров четири години е на листата „Десет нотари со најголеми приходи за последните пет години“. За тие четири години неговите приходи изнесуваат 1,7 милиони евра а добивката 697 илјади евра.
Нотарката Зорица Пулејкова, исто така четири години, се наоѓа на листата на „Десет нотари со најголеми приходи за последните пет години“. Нејзините вкупни приходи изнесуваат 1,2 милиони евра а добивката 533 илјади евра.