Волчицата Маја и волкот Алек заедно со малите Лупо, Бјанка Луна и Ѕоја го топлат домот на семејството Исмаили во Лешок. Под шумите и врвовите на Шара, во идиличното тетовско село, во природен амбиент, во простран двор полн со љубов шестчленото волчјо семејство обележало своја територија.
Фадиљ Исмаили заедно со сопругата Насије и децата Бленда и Бурим, не само што го отвориле домот на чехословачкиот волк-куче, туку и срцето. Велат дека она што е неопходно за да го удомиш ова животно е љубов, па тие безрезервно ја даваат.
Кога се приближивме до домот на семејството Исмаили, неопходно беше да нѐ прифатат волците. Па како што е редот, прво нѐ пречека Фадиљ, кој како глава на семејството мораше да нѐ прими и да нѐ претстави на преостанатите членови. Тогаш веќе лесно добивме одобрување за влез. Нѐ подушкаа по облеката, рацете и нѐ примија. Малечките волчиња се израдуваа кога нѐ видоа. Скокаа околу нас, ни ги грицкаа патиките, бараа игра. Беа расположени за дружење. Дворот беше претесен за љубовта и радоста што ја ширеа. А затоа што срцето се освојува преку стомакот, Насије ни даде колбаси за дружбата да стане повесела.
По закуската секој си најде место на балконот под сенка и се оптегнаа со целата должина и ширина. Како вистински домаќини цело време нѐ дружеа. Додека семејството Исмаили ни ја раскажуваше приказната за нивното пристигнување, за животот со нив, за радостите што ги носат, за грижата што ја бараат, тие со своето присуство нѐ почестија за приказната да добие реалност и вредност. Ни јадеа од рака, бараа галење, ни седеа во скут, нѐ стопија со својата гостољубивост.
Расата на овие домашни миленици е чехословачки волк-куче. Раса што е комбинација од спарување волчица и куче-волчјак. Веќе 50 години се развива и се одгледува.
- Многупати досега ќе ме пресретнеле со муабетот, дали е опасно, како ги чувам. Но досега сме немале никаков инцидент. Ја немаат агресивноста на волкот, многу се припитомени. И со нив се работи исклучиво со љубов за да има резултати. Со сила ништо не се постигнува - вели Фадиљ.
Инстинктот на волк го имаат, и ликот и влакното ги задржале, вијат на самрак. Имаат неверојатно чувство за намирисување опасност и непријатели.
- Ги купив од Милано, прво женката, па мажјакот, имаа само по три месеци. Со џип ги донесов, во кафез и немавме никаков проблем. Ги спаривме. Со љубов ги израснав и затоа резултатот е успешен. Кога ги купив, следуваше задолжително курс за чување и за нега на овие животни. Обично го имаат тоа и за доберман, и за питбул. Така што за една недела научив како психички и физички да ги негувам, што бараат од стопанот, па една од лекциите беше дека кога ќе ти доаѓаат гости мора прво јас да ги поздравам сите, да ги примам, па потоа тие. Ако алфата и главниот во семејството ги прими и тие ќе ги примат. Е доколку дојдат гости што не ги сакаат, тие веднаш ќе забележат и нема да им биде сеедно. Затоа што тие сакаат да се поздравите и со нив, да ве надушкаат и тие како домаќини да ве примат во домот, тоа е нивниот принцип - ни сподели Фадиљ.
Има филозофија во негувањето, во исхраната, дресурата, но тој досега успешно се справува со сѐ. Им зборува на италијански и на албански.
- Основно на курсот беше да научиш како да ја добиеш нивната почит и љубов, како да ги дресираш. Ми дадоа и книга за дресирање. Има два вида дресирање, да те слушаат веднаш, а тоа се добива со сила, така што за три месеци перфектно ќе го издресираш, но тоа трае додека ти си здрав, додека си посилен од нив. Но со дресурата со љубов до крајот на животот ќе те почитуваат. Единствен што им дава наредби сум јас, но треба да има и некои правила - раскажува Фадиљ.
Тој вели дека со љубов може сѐ да се постигне, па дури и волк да се припитоми.
- Сега на пример затоа што јас сум алфата во нашиот дом, и ако им покажувам сила тие во моментов може ќе ме послушаат, но потоа ќе сакаат да ми се одмаздат, а тоа најчесто го прават со тоа што ми ги уништуваат чевлите. Сум забележал неколку пати ако ги скарам, ако им се налутам, во моментот ќе се повлечат, но потоа ќе ми се одмаздат преку тоа што ќе ми ги изгризаат чевлите. И тоа на жена ми, ќерка ми, син ми не ги чепкаат, само моите партали ќе ги направат - додава Фадиљ.
Веќе година и пол ги чува, а она што особено им го исполни срцето се четирите волчиња. Тие се родени на 11 мај и се вистинско освежување за семејството.
- И волчјак сум имал и шарпланинец, но неспоредливо е ова. Значи нѐ почитуваат, нѐ сакаат, беспрекорно функционираме. Секој ден ги шетам во селото. Некогаш ги врзувам, некогаш не. Меѓутоа доколку видат човек застануваат и чекаат да им дадам команда, да дојдам со нив и досега сме немале никаков проблем. Кога ќе видат кучиња знаат да покажат заби, да станат агресивни, и затоа во тој случај е најдобро да се врзани. На самрак завиваат. Има три вида завивање, теренски кога сакаат да кажат дека територијата е нивна, потоа кога ќе излеземе завиваат кога не викаат да се вратиме и завивање за напад. Кога ги шетам, ќе си дадат некој знак меѓусебно и се стрчуваат. Си се разбираат меѓусебно - раскажува Фадиљ.
Вакцинирани се и за еден волк има по 17 документи. Имаат педигре и пасош од Европска Унија.
- Бараат многу документи за да ги префрлиме преку граница. Како сум го купил, за прва, втора вакцина, за сѐ поседувам документи - вели Исмаили.
автор - Сања Јачевска
фото - Горан Анастасовски
-Целата сторија прочитајте ја на следниот линк во НОВА МАКЕДОНИЈА
http://www.novamakedonija.com.mk/Redaction?id=14