Наместо преку екстерно тестирање да се ставаат наставници и професори на црна листа и да им се кратат платите, треба четири пати во учебната година да се даваат тестови на децата преку кои континуирано ќе се следат постигнувањата и на учениците и на оценувачите. Ова е предлог на Синдикатот за образование, наука и култура, кој го претставиле пред надлежните во Министерството за образование и наука. Но министерот Панче Кралев вели дека нема држава во која нема екстерни тестови и затоа нема да се отстапува од нив, бидејќи, според него, тие се релевантен показател за знаењата на учениците. Инаку во тек е пробното електронско екстерно тестирање што се реализира во 50 основни и средни училишта во државата. Една од нашите пароли е „Да го вратиме достоинството на просветниот работник“. А тоа ќе се случи кога нема да се случува дете што има двојка на крај да добие петка оти наставникот некој го „притиснал“. Ние како СОНК велиме, во ред, тестирајте, но не на ваков начин, со казни, ставање на црна листа на наставници оти тоа ќе има демотивирачки ефект врз нив, вели Јаким Неделков, првиот човек на синдикатот. - Страв, реално, кај наставниците има, оти некој може да се отепа од работа цела учебна година и на крајот, ако не се добри резултатите од екстерното, ќе добие пониска плата. Трудот треба да си го фрли во вода - вели Неделков. Тој и други претставници на СОНК им предложиле на одговорните во Министерството, наместо на учениците да им се дава еден екстерен тест во мај, Државниот испитен центар да дава четири теста во текот на цела учебна година. Оттаму им било кажано дека предлогот ќе се разгледа. - Со тоа ем континуирано ќе се следат постигнувањата на учениците, ем ќе се мери и успешноста на наставниците според добиените оценки. Ако има солидни оцени, значи тој наставник е добар. Но важно е и усното изразување, мора да се види и колку децата се креативни и како се изразуваат усно. И по ова, залудни ќе бидат притисоците за оценка плус - појаснува Неделков. Министерот Панче Кралев вели дека екстерното тестирање има корективен механизам и дека поентата е да ги спречи сите притисоци за петки што пред крајот на учебна година доаѓаат од колеги, директори, општинари.  - Екстерното има корективен механизам. Нема земја во светот во која нема вакви тестови, само моделите се различни. Целта е да се види колку реално е знаењето, оти мора да се има релевантен и кредибилен репер за знаењата на учениците. Има простор во иднина овој наш модел да се доразвива и да се дојде до системско решение - вели Кралев. Според него, токму пробното тестирање ќе покаже како функционира овој модел. - Ако се покаже дека некој необјективно оценува, помала плата ќе добие по две години, а не веднаш. Во меѓувреме ќе има советувања, работа со професори-ментори. Инаку пробното тестирање очекувам да покаже како функционира системот, дали сме подготвени за главното тестирање во мај - додава Кралев.
|