Фудбалот е колективен спорт, во кој кога клубот бележи успеси, заслугата оди на конто на сите играчи, на целиот спортски колектив. Така некако стојат работите во фудбалскиот прволигаш Силекс, кој есенва бележи одлични резултати и се наоѓа на одличното трето место, на само чекор зад неприкосновените Шкендија и Вардар. Во една таква ситуација, неблагодарно е да се издвојуваат играчи кои се најзаслужни за таквиот успех, но еве ќе си земам слобода да го направам тоа. Секоја чест за голманот Митровиќ, прими само шест погодоци на седум средби, честитки за гранитната одбрана предводена од Рудан, Иванов, Багашовски, Тимовски, Ристевски и Гуцев која е една од најдобрите според примените погодоци. Одлични партии пружа и средниот ред, на чело со Дурански, Глигоров, Мицков, Митевски, Ацевски, Тодоров... Ништо полош не е ниту нападот со Ѓорѓиев, Мариќ, Пановски... Сепак, едно име се издвојува според она што го прикажува на теренот - Игор Недељковиќ. Белградското момче, кое веќе втора година настапува во дресот на Силекс, ги освои симпатиите на кратовската публика, стана играч со кој се идентификуваат помладите кои почнуваат да ја тркалаат фудбалската топка. Надвор од теренот скромен, ненаметлив, секогаш насмеан и позитивен, а во фудбалската арена агресивен, убоит, брз како пантер. Играч кој лани имаше просечна сезона во Силекс, но годинава ја започна на најдобар можен начин, постигна четири погодоци на шест меча. Два пати го решаваше победникот со своите голови, против Шкупи и Ренова. Против Металург ја завери гостинската победа на Силекс, а се запиша во листата на стрелци и против Младост. Ако го задржи просекот, сезонава му предвидуваме дваесеттина погодоци и трансфер на лето во поголем клуб и посилна лига. А дотогаш можеби ќе стане и македонски зет. А денес го слави 24-тиот роденден. Му посакуваме добро здравје, многу среќа и блескава кариера.
Среќен роденден, легендо!